НАЈПОПУЛАРНИОТ ХОЛАНДСКИ ТАНЦ ВО СКОПЈЕ Скапино балет Ротердам настапува со „Резонанца“ и „Везул“

Вечерва во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на Танц фест Скопје 2021, ќе гостува дел од компанијата Скапино балет Ротердам со две кореографии на Ед Вубе, „Резонанца“ и „Везул“.

612

Во рамки на програмата „Холандски танцови досторели“, во 11 часот, во просториите на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Скопје, ќе се одржи предавање на Самуел Вуерстен, уметнички директор на Холандскиот танцов фестивал, еден од најзначајните светски фестивали. Тој ќе ја презентира холандската танцова сцена и значајните холандски компании и уметници.

Вечерва во 20 часот, на сцената на Македонскиот народен театар, во рамки на Танц фест Скопје 2021, ќе гостува дел од компанијата Скапино балет Ротердам со две кореографии на Ед Вубе, „Резонанца“ и Везул“. Воедно ќе биде прикажан и танцовиот филм „Јантра“ на кореографот Шајлеш Бахоран. За крај на вечерта Скопје танцовиот театар ќе ја изведе претставата „Меѓусвет (Убавите жени)“ во кореографија на Рисима Рисимкин. Настанот е поддржан од Амбасадата на Кралството Холандија, а работата на Танц фест Скопје и Скопје танцовиот театар е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.






– Програмата е во чест на долгогодишната соработка со холандски уметници, како и поддршката која Амбасадата на Кралството Холандија ја дава во развојот на современиот танц во земјава. Со таа соработка се овозможи формирање на едукативната програма на универзитетско ниво за современ танц, која денес е во рамките на Универзитетот „Гоце Делчев“, како и формирањето на Скопје танцовиот театар, првата официјална современа танцова компанија кај нас, која годинава одбележува 10 години од своето постоење – вели организаторот.

Во рамки на вечерта ќе му биде доделена специјалната награда „Менада“ за поддршка на развојот на современиот танц на амбасадорот Дирк Јан Коп.

Резонанца“ е уметничко доживување, кое обединува два света, кристално чистата музика на Мишиел Борстлап, кој важи за еден од најзначајните холандски пијанисти и страсната кореографија на Ед Вуб, долгогодишен уметнички директор на Скапино балет од Ротердам и еден од најзначајните кореографи на денешнината.Резонанца“ пренесува магија на сцената создадена од низ страстна, нежна и воедно дива експресија, во која се мешаат чувствата на љубов и конфликт. Жозефиен Дебајли за оваа изведба беше номинирана за престижната награда „Лебед“, највисоко признание на холандската танцова сцена.

Везул“ (дел од претставата „Црната мачка“) е ода за градот Париз, на музиката на Жак Брел. Создадено од извонредниот Ед Вуб, во интерпретација на Рубен Гарсија Арабит, делото нѐ носи во прегратките на веселоста и духот на овој безвремен град, кој го одбележува векот на нашето живеење преку иновативен театарски лик, одличната динамика и виртуозната изведба.

Меѓусвет (Убавите жени)“ е претстава инспирирана од поезијата на Блаже Конески, во кореографија на Рисима Рисимкин, музиката ја потпишува Тони Китановски, костимите се на Благој Мицевски, а дизајнот на сцената на Матеа Мијановиќ. Во претставата настапуваат Мими Поп Алексова, Дејан Битровски, Бобан Русески, Ивана Балабанова, како и студентите на Катедрата за современ танц при УГД -Сара Димковска, Стефани Шааршмит (Германија) и Емилија Милак (Црне Гора).

Скапино балет Ротердам е една од најзначајните современи танцови компании на холандската и светската танцова сцена, која прославува 75 години од своето основање. Тоа е најстарата танцова компанија во Холандија, која низ годините донесе смел, експериментален и современ сценски израз и стана креатор на вкусот на холандскиот танц. Скапино верува дека уметничкото достигнување има вредност само кога е искусено од другите и достапно за сите, тоа е мото кое оваа компанија ја одржува на врвот во скоро цел век од постоењето. Преку кореографиите на Ед Вуб и многу млади кореографи, експресијата на компанијата станува смела, иновативна и забавна. Претставите на Скапино се шик, светли, енергични и раскошни. Скапино е една од најголемите танцови компании во Холандија, со некои од најдобрите светски танчери и кореографи. Продукциите на Скапино им нудат на луѓето можност да искусат нешто за светот во кој живееме, тие се неверојатно театрални, инспирирани и од другите изведувачки уметности, со авантуристички дух, кој го води гледачот во непознати води, до нови откритија. Скапино е во процес на постојано самообновување во кое промената е начин на живот.

Ед Вуб е еден од најплодните и разновидни холандски кореографи, кој долги години е клучна фигура во холандскиот танцов свет. Под неговото 26-годишно водство, Скапино еволуираше во смела, експериментална, современа компанија, како креатор на вкусот на холандскиот танц.
Вуб има уникатен талент да обединува различни светови и да создава флуидни транзиции. Со своите големи тематски продукции со музика во живо, тој создава свој уникатен жанр, мешавина од уметност и уметничка забава со привлечни теми, спој на танц, музика и други дисциплини, како циркус и опера. Притоа, Вуб ги поместува границите на танцот, создавајќи театарски свет со сурова, живописна и современа важност. Со извонреден осет за нови талентирани танчери, кои тој ги промовира во своите претстави, Вуб бара начин да го збогати танцот и да го сподели со широката публика, без притоа да го жртвува извонредниот квалитет на својата работа. Вуб има создадено повеќе од шеесет балети за Скапино, вклучително и голем број целосни продукции. Некои од неговите најуспешни продукции се „Кетлин“, „Ромео и Јулија“, „Нико“ (специјална музика на Џон Кејл), „Холанд“ „Песни за Дрел“, „The Great Bean“, „Црната мачка“, „Pas de Deux“, барокните продукции „Бисер“ и „Скала“ (и двете со музика во живо од „Combattimento“). Во 2016 година, за прославата на 70-годишнината на Скапино, Вуб ја создаде претставата „TING!“, што е најголемата продукција на Скапино, во соработка со холандскиот бенд NITS и циркуски уметници.

70-минутниот документарец „Светот на Вуб“ се емитуваше на холандската национална телевизија во март 2017 година. Од 2004 до 2016 година, Вуб е и уметнички директор на Меѓународниот натпревар за кореографи во Хановер. Во 2015 година, Ед Вуб и Скапино соработуваа во меѓународниот оперско-балетски проект „Венецијански свечености“, во режија на оперскиот режисер Роберт Карсен, со изведби во Париз и во Њујорк. Ед Вуб е добитник на повеќе награди, во 2017 година тој ја добива најзначајната награда на холандската танцова сцена „Златен лебед“ за неговиот извонреден уметнички придонес. Истата година, Вуб ја добива кралската награда „Витез во редот на холандскиот лав“ за неговиот придонес во развојот на холандскиот модерен танц. Во 2013 година ја добива „Наградата за заслуги“ од „Dancersfund“.

Поврзани содржини