ШТО АКО ЗАЕВ „ЌУТЕНКАТА“ ПОТПИШЕ НОВ ДОГОВОР СО БУГАРИЈА? Опозицијата ќе ги вади шаторите и свирчињата од таван

Доколку премиерот во заминување Зоран Заев реши да потпише нов штетен договор со Софија, а со кој ќе биде загрозен македонскиот идентитет, ние ќе следиме незадоволството на народот и ќе го артикулираме, велат од Левица.

2,835

Кајшто има чад, таму има и оган, а кајшто има шпекулации, таму можно е да има и вистина. Максимално загрижувачки делуваат предупредувачките пораки од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицскоски, дека неговата партија наводно поседува информации оти премиерот во заминување Зоран Заев би можел да потпише нов штетен договор со Бугарија пред да ја напушти премиерската функција.

Тој вели дека премиерот би можел да ѝ нанесе тежок удар на државата на последниот негов работен ден во премиерскиот кабинет, а како што посочува, ударот ќе го почувствуваме сите ние, бидејќи најмногу ќе се одрази врз идентитетот на македонскиот народ.






Таквиот потег на премиерот несомнено ќе ја внесе земјава во нова длабока политичка криза, бидејќи опозицискиот блок отворено најавува силен отпор, а не се исклучува и бојкот на институциите, па и народ на улиците.

Нема да стоиме со вкрстени раце

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, вели дека неговата партија е искрено загрижена поради можноста премиерот Зоран Заев да потпише штетен договор со Бугарија.

– На Зоран Заев нема да му биде тешко да потпише сè што ќе му сервира нашиот источен сосед. Но, таквиот потег ќе биде круна на неговите порази и на поразите на нашата држава, а ние како партија уште сега кажуваме дека нема да почитуваме било каков штетен договор – рече Арсовски.

Засега е рано да се каже како точно ќе делуваме и во каква форма, но не исклучено да стапиме и кон бојкот на институциите, на владата и на сите институции кои се во рацете на владејачката гарнитура.

Амар Мециновиќ Портпарол на Левица

И портпаролот на Левица, Амар Мециновиќ, во изјава за Плусинфо вели дека партијата нема да стои со вкрстени раце доколку премиерот во заминување потпише нов штетен договор со Софија.

– Преку нашата заложба против потпишувањето на Преспанскиот договор докажавме дека ние навистина стоиме зад државотворните елементи на Македонија, така што Левица сигурно ќе стапи кон политичка саботажа на работењето на владата доколку премиерот во заминување Зоран Заев ќутенката потпише нов штетен договор со Бугарија. Можеме сè да очекуваме од оваа квислиншка влада и ништо не нè изненадува. Ако евентуално дојде до такво нешто, односно доколку премиерот во заминување потпише нов штетен договор со Софија, ние ќе го следиме незадоволството на народот и ќе го артикулираме. Засега е рано да се каже како точно ќе делуваме и во каква форма, но не е исклучено да стапиме и кон бојкот на институциите, на владата и на сите институции кои се во рацете на владејачката гарнитура. Во моментов можеме да заклучиме дека нашата дипломатија импотентно работи на решавање на проблемот со источниот сосед, но ние категорично застануваме зад било какво поткусурување со идентитетот на државата – објаснува Мециновиќ.

Сакаме решение, ама на легален начин

Од Алијанса за Албанците бараат процесот на преговори со Бугарија да се одвива транспарентно, а како што велат оттаму, во никој случај нема да дозволат да се стават во ризик некои работи што се врзуваат за идентитетот и историјата на државата.

Ние како партија ги поддржуваме решенијата преку кои ќе се отвори европската перспектива, но во никој случај нема да дозволиме да се доведат во ризик некои работи што се врзуваат за идентитетот и историјата на државата.

Флакрон Беџети Алијанса за Албанците

– Во наш интерес е што побрзо да се реши проблемот со Бугарија и земјава да добие датум, но сакаме процесот да се води транспарентно и јавноста да биде информирана за секој чекор што ќе го направат нашите и бугарските преговарачи, но да биде информирана и за чекорите што ќе ги направи премиерот во заминување Зоран Заев. Ние како партија ги поддржуваме решенијата преку кои ќе се отвори европската перспектива, но во никој случај нема да дозволиме да се доведат во ризик некои работи што се врзуваат за идентитетот и историјата на државата. Веруваме во дијалогот и во компромисот, а нормално е дека треба да се направат некакви отстапки за да се дојде до решение кое ќе биде прифатливо за двете страни. Не би можел сега да одговорам на прашањето каква ќе биде реакцијата на Алијанса за Албанците доколку премиерот потпише некаков договор со Софија пред да ја напушти премиерската фотелја, бидејќи за идните чекори одлучуваат партиските органи и партиските тела – вели Флакрон Беџети, портпарол на Алијанса за Албанците.

Пратеникот на Беса, Фадил Зендели, вели дека не вреди да се коментираат шпекулации, но како што посочува, неговата партија секако дека бурно ќе реагира доколку премиерот во заминување потпише нов штетен договор со Бугарија.

– Постојат шпекулации дека премиерот во заминување би можел да потпише некаков договор со Бугарија, но тоа се муабети излезени од чајџилница и сметам дека не вреди да се коментираат сè додека не се појави официјална информација. Ако има нешто конкретно и ако се подготвува некаков нов договор кој е штетен за државата, нормално е дека ќе реагираме. Ние како партија сакаме да се реши проблемот со Бугарија и конечно земјава да добие датум за преговори со Европската Унија, но тоа треба да се стори на легален начин, почитувајќи го Уставот и законите – објаснува Зендели.

Поврзани содржини