ПОД МРАЗ ЦЕНИТЕ НА ПОВЕЌЕ ПРОИЗВОДИ Нема да поскапат лебот, брашното, зејтинот, маслото, месото, сирењето
Цените на основните прехранбени производи се замрзнуваат до крајот на јануари
Владата на денешната седница донесе Одлука за определување на највисоки цени на основни прехранбени производи во трговијата на големо и трговијата на мало.
Владината прес-служба соопшти дека цените ќе бидат на висина од 1 декември 2021, а одлуката ќе важи до 31 јануари 2022, со можност за продолжување доколку тоа и натаму ќе го бара состојбата на пазарот.
„Со оваа одлука се определуваат највисоки цени во трговијата на големо и трговијата на мало на основните прехранбени производи: леб; шеќер; брашно – тип 400; сончогледово масло за јадење; трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти; свежо месо и сувомесни производи и сирење и урда. Највисоките цени на производите се утврдуваат на нивото на цените кои се применувале на 1 декември 2021 година, во трговијата на големо и трговијата на мало. Одлуката ќе се применува до 31 јануари 2022 година, со можност за продолжување доколку состојбата на пазарот и понатаму го бара тоа“, соопшти владината служба за информирање.