АЛТЕРНАТИВА ВЛЕГУВА ПРАВО ВО УСТАТА НА ДУИ Следните избори би биле поразителни за партијата на Гаши?

Оние луѓе кои гласале за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива генерално се опозициски настроени и нивната цел е да ја турнат ДУИ од власт. Па така, влегувањето на Алтернатива во владата е исто како да влезе Левица во коалиција со СДСМ, објаснува Владимир Божиновски од Институтот за политички истражувања (ИПИС).

7,921

Со отцепувањето од коалицијата со Алијанса за Албанците и со прифаќањето на предлогот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да биде дел од владата, партијата на Африм Гаши, Алтернатива, практично ѝ прави огромна услуга на партијата на Али Ахмети, ДУИ, но по цена на политичко самоуништување, вели Владимир Божиновски од Институтот за политичко истражување (ИПИС).

Тој во изјава за Плусинфо посочува дека на следните парламентарни избори на Алтернатива сериозно ѝ се заканува исчезнување од политичката сцена, бидејќи, како што вели, потегот да влезе во коалиција со СДСМ и со ДУИ ќе предизвика силна конфузија кај гласачкото тело кое е опозициски настроено и чија цел е да се прекине 20-годишното владеење на Али Ахмети.






Владимир Божиновски Институтот за политички истражувања (ИПИС)

Зошто некој би гласал за Алтернатива ако сака да има некаков бенефит од власта, а кога тоа може го направи со ДУИ која е 20 години на власт?

– Сега е моментот кога раководството на Алтернатива смета дека може најдобро да се испазари со власта. На локалните избори оваа партија не помина баш најдобро, односно имаше одредени намалувања во однос на поддршката, па сега најверојатно раководството смета дека ако влезат во владата ќе можат да привлечат клиентелистички гласови. Но, тие всушност влегуваат во владата во момент кога владата го губи легитимитетот. Сето она што е негативно кај владата, практично ќе се пренесе и врз Алтернатива, а да не зборуваме за тоа дека кај нивните гласачи ќе се направи комплетна конфузија. Партијата доби гласови како дел од коалицијата со Алијанса за Албанците со цел да се турне ДУИ од власт, а сега токму Алтернатива влегува во коалиција со ДУИ. Очигледно е дека целта им била да се дојде на власт по која било цена. Кај етничките албански партии се издвојуваат две: ДУИ како власт и Алијанса за Албанците како опозиција, додека, пак, за Беса, а особено за Алтернатива, се добива впечаток дека немаат некаква идеологија, туку само желба да се дојде на власт. Оние луѓе кои гласале за коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива генерално се опозициски настроени и нивната цел е да ја турнат ДУИ од власт. Па така, влегувањето на Алтернатива во владата е исто како да влезе Левица во коалиција со СДСМ. Но, Алтернатива многу добро го знае тоа и сега се обидува да придобие клиентелистички гласови, ама зошто тие клиентелистички гласови би дошле кај Алтернатива кога можат да појдат кај ДУИ? Алтернатива требаше да биде всушност алтернатива за ДУИ – објаснува Божиновски.

Тој посочува дека постојат два проблема со влезот на Алтернатива во владата, а како што вели, со ваквиот потег ѝ се заканува и исчезнување на партијата од политичката сцена во Македонија.

– Првиот проблем е тоа што се создава конфузија кај гласачите, а вториот проблем е тоа што сите негативни последици од досегашното владеење на СДСМ и на ДУИ ќе се пренесат и врз Алтернатива. По поразот на локалните избори, СДСМ ќе ги загуби и следните парламентарни избори без разлика на тоа кога ќе се одржат. А тогаш, секако, ќе настрада и Алтернатива. Зошто некој би гласал за Алтернатива на следните избори? Со кого ќе коалицира Алтернатива на следните избори? Со Алијанса за Албанците сигурно нема повторно да коалицира. Тоа значи дека на Алтернатива практично ѝ се заканува исчезнување од политичката сцена. Зошто некој би гласал за Алтернатива ако сака да има некаков бенефит од власта, а кога тоа може го направи со ДУИ која е 20 години на власт? – посочува Божиновски.

Според него, Алтернатива на овој начин практично му обезбедува уште еден мандат на ДУИ.

– Оваа ситуација всушност најмногу ѝ одговара на партијата на Али Ахмети и на никој друг. ДУИ помина добро на локалните избори, а единствената опасност за ДУИ на некои следни избори беше појавата на обединети етнички албански партии, односно здружувањето на Алијанса за Албанците, Алтернатива и Беса во иста „анти-ДУИ“ коалиција. Но, со потегот на Алтернатива, ДУИ си обезбеди уште еден мандат во некоја идна власт. Генерално, ако остане ваква ситуацијата, на следните парламентарни избори ќе биде многу потешко да се победи ДУИ затоа што не постои обединетост кај останатите албански партии. Исто така, многу лесно може да се случи гласовите за Алтернатива да се префрлат кај Алијанса за Албанците. Како и да гледате, од целата оваа ситуација најголем победник е ДУИ, затоа што без обединета „контра-ДУИ“ опозиција тешко дека може да се загрози партијата. Генерално, позициите на ДУИ сега се прилично помоќни за разлика од завчера – вели Божиновски.

Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски тврди дека Алтернатива губи во секој случај, а од друга страна, пак, најмногу добиваат ДУИ и Алијанса за Албанците.

На следните парламентарни избори ДУИ ќе има „кец во ракавот“ и ќе може да каже: „еве каква е алтернативата и гледате дека се борат само за да дојдат на власт“.

Синиша Пекевски Политички аналитичар

– Влегувањето во влада значи дека партијата на Африм Гаши само се борела за да дојде на власт, а сето она што го зборувале против ДУИ сега одеднаш не важи. На следните парламентарни избори ДУИ ќе има „кец во ракавот“ и ќе може да каже: „еве каква е алтернативата и гледате дека се борат само за да дојдат на власт“. Во суштина, повеќе ѝ одговара на ДУИ да влезе Алтернатива во владата со цел да каже дека борбата не е за подобар статус на Албанците, туку борбата е само за фотелјите. Но, освен ќарот на ДУИ, придобивки од потегот на Алтернатива ќе има и Алијанса за Албанците, бидејќи само таа партија останува вистинска партија која се држи до сопствените принципи и не коалицира со оние кои ги напаѓаат. Верувам дека на следните избори партијата на Зијадин Села ќе забележи голем успех. Од друга страна, и СДСМ е падната партија во која не се бираат средства за да опстои власта, а парламентот го претворија буквално во сточен пазар каде што пратениците не се грижат за интересите на граѓаните, туку само за прашањата со колку министерства ќе раководат или колку директорски позиции ќе добијат. Сето она што го зборуваат за европскиот пат на Македонија е всушност само лажен изговор – објаснува Пекевски.

Поврзани содржини