КОЈ ГУБИ ИМА ПРАВО ДА СЕ ЛУТИ Полемика меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ за тоа колку работат новите градоначалници

Ништо не работат, само бркаат вработени кои не се нивни членови, тврди СДСМ. Нема веќе непродуктивни набавки, нема клупи за 300 и 500 евра, тоа го боли СДСМ, возвраќа ВМРО-ДПМНЕ.

1,196

Измина веќе еден месец од одржаните локалните избори, влегуваме во вториот, а градоначалниците на Мицкоски ништо не работат. Јавноста е сведок дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ единствено што излегоа во јавноста овој период е промовирање проекти од СДСМ, истите оние кои ги критикуваа, како и промоција на Христијан Мицкоски.

Со оваа констатација денеска СДСМ отвори полемика со ВМРО-ДПМНЕ за новите градоначалници.






– Градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ работат и ги решаваат проблемите на граѓаните, а СДСМ создаваше проблеми. За неполн месец колку што се градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ на чело на општините, се откочија голем број на проекти и работи кои СДСМ не можеа да ги реализираат цел мандат. Четири години додека беа тие ништо не се работеше и тоа е факт кој граѓаните го гледаа возврати ВМРО-ДПМНЕ

СДСМ обвинува дека во Гази Баба, во Аеродором и во Кисела Вода, градоаначалниците промовирале нивни проекти.

– Данела Аросвска никаде ја нема, освен што прави се против проектот за Бас рапид систем. За овој период не можеше ниту да го обележи булеварот Киро Глигоров, што го направи Петре Шилегов. Дрско и спротивно на препораките на УНЕСКО, ВМРО-ДПМНЕ продолжија со уништување на Охрид и Охридското Eзеро. Во некои општини како Ѓорче Петров и Бутел, наместо да ги расчистуваат депониите, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ ги трупаат депониите и создаваат нови – тврди СДСМ и обвинува дека во неколку општини уште во првите недели луѓе се бркаа од работа, се деградираа само затоа што не се членови или симпатизери на ВМРО-ДПМНЕ.

ВМРО-ДПМНЕ потсетува на времето кога локалната власт беше во рацете на СДСМ и аргументира:

– Наместо на капитални инвестиции, се трошеа пари за непродуктивни набавки. Нема повеќе клупи од 300 и 500 евра во Аеродром, како што имаше со СДСМ, ниту возила се плаќаат двојно поскапо како што плаќаше Шилегов. Во Кисела Вода, Бутел и во Ѓорче Петров градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ една недела го чистеа ѓубрето кое тие од СДСМ претходно го оставиле. Во Гази Баба и Илинден се работи забрзано. Градоначалниците на Штип и на Охрид исто така работат и прават проекти за своите средини. Секој еден градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ е на терен со народот. Ги слуша и ги решава нивните проблеми. Посветеноста и проектите се наша одлика и граѓаните ќе сведочат за разликата со СДСМ – се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани содржини