ПРЕГОВОРИТЕ ЌЕ ПРОДОЛЖАТ ИДНАТА НЕДЕЛА Заев и Гаши не постигнаа договор
Продолжуваат разговорите следната недела. Сите треба да водиме грижа за европската иднина на државата, а тоа е возможно само ако имаме стабилна влада со стабилно парламентарно мнозинство, истакна премиерот Зоран Заев по завршувањето на средбата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
Кај политичката партија Алтернатива има поделеност дали да се влезе во влдата или не, рече денеска премиерот Зоран Заев по завршувањето на средбата со лидерот на Алтернатива, Африм Гаши.
– Земјава е исправена пред многу важен момент, а тоа е во декември конечно да ја оствариме големата цел, долгогодишното ветување од ЕУ, започнување на преговори за влез во Унијата и да ја закажеме првата меѓувладина конференција. На денешната средба со лидерот на Алтернатива беа отворени неколку проблематики, па затоа останува сите да размислиме за време на викендот. Ние сме подготвени да ги адресираме сите прашања. Нашата покана е со конечна цел Алтернатива да биде составен дел на владата. Сметаме дека треба да го зголемиме парламентарното мнозинство, а целта е да одиме на редовни, а не на предвремени парламентарни избори. Продолжуваат разговорите следната недела. Сите треба да водиме грижа за европската иднина на државата, а тоа е возможно само ако имаме стабилна влада со стабилно парламентарно мнозинство. Јас сум убеден дека долгот на ЕУ кон целиот наш народ ќе биде испорачан, затоа што тоа е обврска на ЕУ – рече Заев.
Лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, пак, истакна дека денеска била водена плодна дискусија со премиерот Зоран Заев, но дека неговата партија мора да размисли за идните чекори.
– Премиерот Зоран Заев бараше од нас да станеме дел од парламентарното мнозинство, но факт е дека ние пред една недела имавме иницијатива за да падне владата. Сега имаме две опции: првата е да се приклучиме на парламентарното мнозинство, а втората е да продолжиме со соработката со опозицијата. Ќе дискутираме во партијата ќе го донесеме најдоброто решение. Ќе продолжи нашата комуникација и ќе зборуваме многу отворено, па убеден сум дека ќе ја донесеме најдобрата одлука за сите нас – рече Гаши.