ИСТАТА ЛАГА НЕ ПРОАЃА ДВАПАТИ Конкурентите ги победив со знаење, искуство и со харизма
„Тоа не е мој нов стил туку тоа е мој начин на работење. Од канцеларија не се решаваат проблемите. Јас многу време поминав на терен меѓу граѓаните за изведувачите и инвеститорите да ги доведам во ред. Не би рекол неодговорност, туку повеќе неискуството во изминатите четири години придонесе старите навики повторно да стапат на сцена“, вели Јакимовски.
Бурни и жестоки беа локалните избори месецов, а едно од изненадувањата беше големото враќање на Стевчо Јакимовски на челната позиција на општината Карпош во Скопје. За многумина контроверзен лик, за други човек од доверба и вистински татко на општината. Јакимовски уште во првите денови излезе на терен, спречи незаконско прекопување на улица и вети дека ќе ја реконструира запуштената општинска зграда.
Староновиот градоначалник не бегаше од прашања од Плусинфо и беше многу директен во своите одговори. Вели дека пред сѐ ќе се посвети на хигиената, згрижување на децата во градинките, обновување на фасадите, покривите и лифтовите во зградите, менување на азбестните покриви и забрзување на администрацијата и дека сето ова е остварливо. Според него, претходните градоначалници едноставно немале искуство за да работат ефикасно и дека неговиот стил е секогаш да излегува терен за да се завршат работите.
Јакимовски се сложува со некои од идеите за Карпош кои ги оставија неговите претходници: според него, парк од Александар Палас до крајот на Илинденска треба да има, а одговори и на нашите прашања за спорните ГУП-ови, ДУП-ови…
Победивте после една жестока кампања. Граѓаните на Карпош решија пак ви ја дадоа довербата, иако за вас важи општата перцепција дека сте контроверзен лик во политиката. Како се справувате со таа перцепција?
Веројатно мојата харизма, искуството, знаењето и резултатите од минатото кои се евидентни моите конкуренти ги ставаат во сенка, што придонесува да бидам континуирано цел на секаков вид на напади во обид да се намали мојата супериорност. Стилот со кој се справувам со ваквите напади можеби придонесува за некои да изгледам контроверзен.
Во текот на кампањата, но и години пред тоа, бевте спомнувани како градоначалник-комшија, човек што „заработил“ десетици станови во претходните мандати. За љубов на вистината, не сте единствен обвинуван за тоа, општо е мислењето дека секој градоначалник во текот на мандатот ќарува станбен простор како „ортак“ на т.н. „градежна мафија“. Што од тоа е вистина, а што измислица?
Со таа манипулација ги прејдоа граѓаните во 2017 година. Истата лага не проаѓа два пати.
Веднаш откако ја презедовте функцијата, излеговте на терен, спречивте незаконско прекопување на улица и ветивте дека ќе ја обновите општинската зграда. Тоа беа потези за „уметнички впечаток“ или промоција на нов стил на работата на градоначалникот на општина Карпош?
Тоа не е мој нов стил туку тоа е мој начин на работење. Од канцеларија не се решаваат проблемите. Јас многу време поминав на терен меѓу граѓаните за изведувачите и инвеститорите да ги доведам во ред. Не би рекол неодговорност, туку повеќе неискуството во изминатите четири години придонесе старите навики повторно да стапат на сцена. Се сеќавам уште како дете на еден скеч од Миодраг Петровиќ Чкаља. Доаѓа со машина за сечење асфалт, а друга фирма сѐ уште ја асфалтира улицата. Тој на висок тон им се обраќа: „Ајде радите мало брже, јер треба да прекопавам улицу. И није само ова… имам и друге“. Ова е наша болка стара седум децении. Кога си заминав 2017 година, немаше ниту една улица прекопана. Погледнете на што личи Варшавска, Прашка, патот за Пантелејмон, Јури Гагарин, Никола Русински, Букурешка и многу други…

Што e она што најмногу ѝ е потребно на општина Карпош сега? Можете ли да издвоите едно прашање на кое посебно ќе се посветите во вашиот нов мандат?
Планирам да се посветам на повеќе прашања. И тоа: хигиената, згрижување на децата во градинките, обновување на фасадите на зградите, менување на лифтовите во зградите, менување на азбестните покриви и секако подобрување на услугата на општинската администрација кон граѓаните.
Новите градоначалници од редовите на опозицијата настапија орно во чистењето на ѓубрето и на депониите, а градоначалничката Данела Арсовска вети дека ќе помогне тие да се исчистат во целиот град во првите 82 дена. Колку е тоа можно и какви се вашите планови за чистотата и за зеленилото во Карпош?
За волја на вистината хигиената е обврска на Градот, а не наша. И тука ние му помагаме на Градот, а не тие нас. Затоа што парите од сметките за ѓубретарина ги зема градското јавно претпријатие „Комунална хигиена“ а услугата особено кај колективната хигиена е лоша. Ние годишно за одржување на хигиената и зеленилото трошиме преку 600.000 евра. Вистинско решение и подобрување на ефикасноста во работењето што ќе резултира со голем бенефит за граѓаните е „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“ да се поделат меѓу општините во градот Скопје и тогаш ви гарантирам дека Скопје ќе биде три пати почист отколку сега. Вака Градот Скопје ги зема парите, ние трошиме од општинскиот буџет, а граѓаните не се задоволни.
Во времето на вашиот претходник, многу се шпекулираше за градежните активности во Карпош, за спорните ДУП-ови како оној за Жданец, за најавата дека ќе никнат нови згради кај салата „Борис Трајковски“, за проблемот на плацевите спроти „Мида“ на Илинденска… Каква е вашата градежна визија за Карпош? Мислите ли дека е потребна и ревизија на целиот ГУП, како што се најавува?
Моето мислење е дека треба да престанеме со практиката секој нов градоначалник да прави нов ГУП. Затоа што ГУП-от по правило се менува еднаш на 20 години, а не еднаш на четири години. Најголем дел од општините се немаат услогласено со постоечкиот ГУП од 2012 година а камо ли да се донесе нов. Тоа би значело комплетен застој во работењето во урбанизмот и решавање на проблемите на граѓаните особено во индивидуалното домување. При носењето на ДУП-овите ние не можеме да одиме надвор од генералниот план. Тој ни ја утврдува намената на земјиштето. Ако тој вели тој тука треба зеленило, ние може да нацртаме само зеленило. Ако вели на одредено место треба да се вцртаат индивидуални куќи, само тоа може да има на тој дел. И ништо друго. Ако пак вели дека во тој дел генералниот план предвидел колективно домување (станбени згради) од тоа нема бегање. Но, она што можам да го ветам е дека ни случајно веќе не смее да има станбени згради со таква густина ниту со таков габарит. Градењето во Карпош мора да се сели надвор од урбаното јадро.
Сведоци сме на сообраќајниот хаос и на итната потреба на градот од катни гаражи, но и од нови решенија. Што ќе го спаси Карпош од метежот? Дали зонското паркирање како во Центар е опција?
Месните заедници кои се во контакт со општина Центар како Карпош 1, Владо Тасевски и Кузман Јосифовски Питу во континуитет се загрозени од возилата кои се паркираат на територија на општината Карпош а се сопственост на граѓани од Центар. Постојат неколку можни решенија. Првото е на сите наши паркинзи да ставиме рампи. Второто да градиме катни гаражи. Третото е да воведеме зонско паркирање кое во моментов е најбрзо и најефикасно решение. Но, ние размислуваме за комбиниран модел.
Во кампањата ветивте дека ќе им ја вратите на карпошани спортската сала „Партизан“ и дека ќе го заживеете етно-селото над Горно Нерези, ако Владата ви го даде на стопанисување. Што ќе биде од тие ветувања?
Да, Партизан 4 ќе биде реконструиран. А за Етно село и за други прашања веќе побарав прием во Владата за да разговараме покрај другото и за ова прашање.
Претходниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, најави парк на земјиштето на завршетокот на Илинденска, некаде спроти кулите во Карпош 4. Одамна се зборува за потребата да се реализира една стара идеја Вардар да се премости и Илинденска да продолжи преку реката и да се поврзи со западниот излез од Скопје. Што мислите за тие идеи?
Премостувањето на Вардар кај улицата Љубљанска не е идеја на Шилегов туку е предвидено со ГУП и мислам дека е добро што побрзо тој мост да се изгради за да се намали притисокот на клучката кај Воена болница и кај сервисот Тојота. Што се однесува до паркот, ќе се простира не само во Карпош 4, туку по целиот потег од Александар палас до бунарите на река Лепенец. Сѐ што е државно земјиште ќе го направиме парковско зеленило.
Кои се клучните капитални инвестиции што ќе ги реализирате во Карпош во овој четиригодишен мандат?
Како капитални инвестиции би ги издвоил четирите нови градинки и пензионерскиот дом кој планираме да го изградиме заедно со владата и пензионерските здруженија.