ПЕКОЛЕН ЧЕТВРТ БРАН ВО ГЕРМАНИЈА Нема да има локдаун, но невакцинираните се на удар

Германскиот министер за здравство Јенс Шпан апелираше за интензивирање на вакцинацијата со бустер дози и за воведување почесто тестирање или проверка на статусот на вакцинација, бидејќи расте бројот на новозаразени со ковид-19.

1,537

Германија го забележа својот втор последователен дневен рекорд на нови случаи на коронавирус, додека инфекциите се зголемуваат низ Европа, а нејзиниот центар за контрола на болести рече дека невакцинираните луѓе се соочуваат со „многу висок“ ризик од инфекција.

Земјата објави 37.120 нови инфекции во изминатите 24 часа, според Институтот „Роберт Кох“. Тоа е повеќе во споредба со бројката од четвртокот од 33.949 – што пак го надмина претходниот рекорд од 33.777 поставен на 18 декември минатата година.






Германскиот министер за здравство Јенс Шпан апелираше за интензивирање на вакцинацијата со бустер дози и за воведување почесто тестирање или проверка на статусот на вакцинација, бидејќи расте бројот на новозаразени со ковид-19.

Високи здравствени службеници апелираа и до жителите на Германија кои сѐ уште не се вакцинирани да се вакцинираат, иако Шпан призна дека многу од нив не можат да се убедат.

Во текот на изминатите неколку месеци, животот во Германија во голема мера се врати во нормала со олеснување на ограничувањата на јавниот живот и повторно беа дозволени големи настани. Ова е направено според прописите кои бараат проверки за да се осигура дека луѓето се или вакцинирани или имаат негативен тест за корона или го поминале вирусот, пред да влезат на стадион, на концерт, во паб или во ноќен клуб.

Бројот на заразени во Германија секојдневно расте. Просечниот седумдневен просек на нови случаи на 100.000 луѓе во земјата е 146, највисок од мај. Германија објави 37.120 нови инфекции со коронавирус во изминатите 24 часа, што е највисок дневен број од почетокот на пандемијата.

– Сè не е завршено – рече Шпан, додавајќи дека сега е првенствено пандемија на невакцинирани луѓе и дека е масовна.

– Четвртиот бран е во полна сила – вели Шпан, посочувајќи на зголемениот број пациенти во единиците за интензивна нега во одредени региони, особено во оние каде стапката на вакцинација е помала.

Тој вели дека расте притисокот врз болничките кревети, особено во регионите каде стапката на вакцинација е релативно ниска.

Шпан рече дека, иако официјалните лица во август се согласија да направат дополнителни вакцини достапни за лицата постари од 60 години и жителите и персоналот на домовите за стари лица, досега се дадени само малку повеќе од два милиони.

– Тоа е исклучително ниско, темпото на засилување не е доволно – додаде тој.

Шпан рече дека приоритет треба да имаат оние кои се најзагрозени, но што се однесува до другите, „вакцината е таму, одобрението е таму и резултатите од другите земји се таму“.

Официјалните податоци покажуваат дека околу две третини од германското население од 83 милиони го завршило својот прв круг на вакцинација.

Шефот на државниот центар за контрола на болести, Лотар Вилер, изјави дека 16,2 милиони луѓе постари од 12 години се сè уште невакцинирани, од кои 3,2 милиони на возраст над 60 години.

АП потсетува дека Германија не ја прогласи вакцинацијата против коронавирусот за задолжителна за ниту една професионална група, за разлика од некои други европски земји.

Од средата, само 6,7 отсто од луѓето постари од 60 години во Германија ја примиле третата доза од вакцината, според Институтот за заразни болести Роберт Кох.

Поголема е веројатноста да бидат хоспитализирани и постарите лица кои се инфицираат со коронавирусот.

Воведување на 2G правила

– Доколку состојбата со пандемијата во болниците се влоши, тогаш можни се нови ограничувања за невакцинираните лица – изјави канцеларката Ангела Меркел преку нејзиниот портпарол.

Тоа би можело да биде систем познат како 2G во Германија, кој им забранува на невакцинирани лица да влегуваат на јавни места. Шпан рече дека системот 2G може да се примени во особено тешко погодените региони.

– Тоа нема врска со вознемирување поради вакцината, туку со избегнување преоптоварување на здравствениот систем – рече тој.

Поврзани содржини