СИЛИКОНСКИ ТЕСТИСИ Вештачките импланти за тестиси имаат естетска, но и функционална улога

Во клиниката „Жан Митрев“ токму вчера била направена операција на тестикуларни импланти, односно ставање на вештачки импланти за тестиси заради подобрување на нивниот изглед. Оваа естетска операција посредно влијае и на подобрување на функцијата и на самодовербата, особено кај млади лица, објаснуваат оттаму.

684

Иако при споменување на зборот протеза првата асоцијација е поврзана со изгубен екстремитет или корекција на заби, сепак важно е да се знае дека постојат огромен број на различни видови протези. Една од нив е и тестикуларниот имплант, објаснуваат од Клиниката „Жан Митрев“ каде што токму вчера била направена една таква интервенција. Овие интервенции се главно од естетски причини, но истовремено имаат влијание и врз функцијата и самодовербата, особено кај помлади лица, велат оттаму.

Тестикуларната протеза е вештачки имплант кој се става во празен скротум. Имплантот може да се користи кај мажи кои се родени без тестис или оние кои изгубиле тестис заради повреда или болест. Целта на имплантот е да го подобри изгледот и да ги смири психолошките стравови. Оваа протеза не функционира како вистински тестис.






Најчесто барањата за протеза на тестисите доаѓаат од мажи кои се родени со тестис и подоцна го изгубиле.
Протезите на тестисите се во употреба од 1940-тите. Во минатото, тие биле правени од различни материјали. Сега се главно направени од силиконска гума и се полни или со силиконски гел или со физиолошки раствор (солена вода).

Тестикуларната протеза има тежина, форма и чувство слично на нормалниот тестис. Достапна е и во различни големини за да може добро да се совпадне со постоечкиот тестис.

Кои состојби или настани може да резултираат со губење тестис?

Постојат неколку причини заради кои некому можеби му недостасува тестис.

  • Тестисот е малформиран или исчезнат при раѓање.
  • Отстранет хируршки поради повреда, како што е тешка торзија (извртување).
  • Неуспешно спуштен во скротумот.
  • Тестисот бил отстранет поради инфекција.
  • Тестисот бил отстранет како дел од третман на рак на тестисите.
  • Тестикуларната протеза може да биде и дел од операцијата за промена на полот од жена во маж.

Која е процедурата за имплантација на тестикуларна протеза?

Кога ќе одлучите да ја направите оваа процедура, важно е да биде изведена од хирург кој е специјализиран за имплантација на протеза на тестисите.
Клучно е да разговарате со хирургот за сите ваши прашања и да ги дознаете сите детали од процедурата претходно.

Општо земено, постапката за имплантација вклучува:

  • Поставување на пациентот под општа (цело тело) или локална анестезија (лек за блокирање на болката) што ќе спречи чувство на болка во долниот дел од телото за време на процедурата.
  • Правење засек во долниот дел на препоните или горниот скротум.
  • Создавање торбичка за протезата.
  • Шиење или на друг начин фиксирање на имплантот на место во правилна положба.
  • Затворање на засекот со конци.

Оваа процедура обично се изведува како рутинска операција со еден ден болничко лекување и во оваа клиника се изведува од тимот предводен од д-р Горан Јовиќ, велат од „Жан Митрев“.

 

Поврзани содржини