ГАСНЕВ СО ЦРЕВО ДОДЕКА ГИ ЧЕКАВ ПОЖАРНИКАРИТЕ Сопственикот на ресторанот „Томче Софка“ вели дека пожарот го зафатил кровот на неговиот објект, но дека штетата е мала

Командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски, во изјава за Плусинфо рече дека во пожарот нема жртви и нема повредени, но дека е направена материјална штета.

4,491

Скопските пожарникари успеаја да спречат ширење на пожарот кој попладнево избувна во бараките на поранешниот Суд за прекршоци во Градскиот парк.

Како што пренесува нашата новинарска екипа, која веќе час и половина будно ја следи ситуацијата на терен, пожарот зафатил дел од покривот на хотел-ресторанот „Томче Софка“, но пожарникарите успеале навремено да реагираат и да спречат поголема трагедија. Гостите од хотелот веднаш биле евакуирани, а на терен се излезени 20 пожарникари со 6 противпожарни возила.






Зафатена била и конструкцијата на спортската сала „Партизан“, која е во близина на бараките, но за среќа, во тој момент внатре немало спортски активности.

Сопственикот на хотел-ресторанот „Томче Софка“, Томислав Каранфилов, рече дека оштетен е кровот на неговиот објект, но како што вели, материјалната штета е многу мала.

– Направена е мала материјална штета, но сето тоа ќе се санира и голема среќа е тоа што пожарникарите пристигнаа на време и го локализираа пожарот. Немам некоја голема штета и гледам дека веќе пожарот ја губи силата и за брзо време ќе биде изгаснат. Јас бев внатре во ресторанот кога одеднаш забележав црн чад и пламен и веднаш повикав Брза помош. Но, пожарот одеднаш избувна и почна многу брзо да ја проголтува бараката. Јас се обидов со црево да го гаснам пожарот додека ги чекавме пожарникарите, но не можевме да постигнеме – изјави Каранфилов.

Командантот на скопската противпожарна бригада, Владимир Симоновски, во изјава за Плусинфо рече дека во пожарот нема жртви и нема повредени, но дека е направена материјална штета.

– Пожарот беше пријавен во 15.50 часот. Се работи за запалена барака на Судот за прекршоци, која е напуштена околу 5-6 години. Нема жртви и нема повредени, туку станува збор само за материјална штета. Учествувавме со 6 возила и со 20 пожарникари, а на помош добивме две цистерни од ЈП „Комунална хигиена“. Од самата топлина на бараката е зафатена и конструкцијата на прозорецот на спортската сала „Партизан“, но нема оштетување во внатрешниот дел од објектот. Исто така, зафатен беше и дел од кровната конструкција на хотелот „Томче Софка“ – изјави Симоновски.

На местото на настанот пристигна и скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

Поврзани содржини