📽️ МАЛОЛЕТНИЦИ ПУКАЛЕ ПЕТАРДИ, ПА СЕ ЗАПАЛИЛО ДРВО Пожар во паркот „Капиштец“, жителите бараат реакција
Жителите тврдат дека пиротехнички средства се користат речиси секојдневно во населбата и велат дека случајот повеќепати бил пријавуван во полиција.
Жителите на Капиштец повторно алармираат за пукањето пиротехнички средства во населбата, а според објава на фејсбук-страницата „За пристоен Капиштец“, синоќа петарди предизвикале пожар во паркот „Капиштец“.
Според жителите, група малолетници и помлади лица речиси секојдневно користат пиротехнички средства во населбата, поради што случајот, како што наведуваат, повеќепати бил пријавуван во полиција.
Тие тврдат дека досега немало навремена реакција, а синоќешниот настан повторно ги зголемил стравувањата за безбедноста на жителите и имотот во околината.
View this post on Instagram
При пукање петарди во текот на ноќта, според објавата, се запалило дрво во паркот. Жителите велат дека постоела опасност огнот да се прошири кон околните згради и трафостаниците.
Случајот повторно го отвори прашањето за употребата на пиротехнички средства во населбата, особено во вечерните часови, кога во близина има станбени објекти и други инфраструктурни објекти.
Жителите апелираат до надлежните институции да реагираат и да се утврди кој го предизвикал пожарот, како и да се преземат мерки за да се спречат нови вакви случаи.