НА БИСЛИМОВСКИ МУ СЕ ИЗВИНИЛЕ ЗА НАПАДОТ Инцидентот нема да го загрози енергетскиот сектор
Имав прилика вчера да го гледам видеото и секако ги осудувам таквите случувања. Мене ми е мило што вчера во разговор со Бислимоски слушнав дека веќе се извиниле за нападот што му го направиле, рече Бектеши.
Министерот за економија Крешник Бектеши го осуди физичкиот напад врз претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски што завчера вечер се случи на тераса од угостителски објект во централното подрачје на Скопје и смета дека тоа не може да го загрози енергетскиот сектор во земјава.
– Имав прилика вчера да го гледам видеото и секако ги осудувам таквите случувања. Мене ми е мило што вчера во разговор со Бислимоски слушнав дека веќе се извиниле за нападот што му го направиле. Не верувам дека тоа може да го загрози енергетскиот сектор во нашата држава – рече Бектеши одговарајќи на новинарско прашање по потпишувањето меморандум за соработка со Националната платформа за женско претприемништво.
Не сакам, потенцира тој, да навлегувам во независноста на РКЕ.
– Тие одлучуваат во делот на исполнување на условите за лиценците, не одлучуваме ние како Министерство за економија или, пак, како Влада. Тие се во целосна надлежност на независната РКЕ чии членови се гласаат во Собранието на нашата држава – рече Бектеши.
Завчера Бислимоски беше физички нападнат од Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ, Муса Џафери, кој преку фирмата „У пауер“ има лиценца за продажба на електрична енергија. За фирмата РКЕ оцени дека не ги исполнува своите обврски за испорака на струја кон компаниите со кои има склучено договор поради што ѝ се заканува одземање на лиценцата за работа.