„ЗА НАШЕ КУМАНОВО“ ОБВИНУВА Функционери од власта, исто како Груевски, бараат по 15 гласачи од вработени во државните установи и полицијата
Граѓанската иницијатива „За Наше Куманово“ бара институциите да почнат да работат на спречување на ваков тип на притисоци.
Кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За Наше Куманово“ Николај Павловски, обелодени злоупотреба од страна на централната власт и поединци од раководни позиции во Куманово, вршејќи притисоци врз вработени во Секторот за внатрешни работи при МВР, во здравствените установи, во градинките и на вработени во образовните институции.
-Во пораката која што ја испраќаат до вработени во државните институции јасно бара од нив капитените на список да достават 10 до 15 гласачи, а списоците да бидат доставени до четврток 16 септември, 24.00 часот, за потоа да можат да ги комплетираат и однесат во партија. Овие списоци требало да содржат име и презиме, година на раѓање и телефонски број. На 11 септември апелиравме дека се вршат зачестени притисоци врз нашите сограѓани, вработени во јавната администрација, во средните и основните училишта, како и врз членови и симпатизери на СДСМ – рече Павловски.
Тој рече дека закани и притисоци во Куманово не можат да поминат, затоа што Куманово е погрешен град за вршење на притисок.
Павловски потсети дека претседателот на општинската организација на СДСМ во Куманово и пратеник Мартин Костовски неодамна искажал невистини дека наводно имало недолично однесување и злоупотреба на институциите со притисоци и закани во пресрет на локалните избори.
– Ова е апсолутно неточно и веднаш апелиравме да пријават до надлежните институции. Гледаме дека оние кои лажно ги претставуваа работите, сега истите тие ги прават овие работи. Срамно! Пред неколку години се боревме за слобода, бевме против заплашувања и притисок. Четири години подоцна повторно се соочуваме со истиот принцип на функционирање како оние претходни времиња – рече Павловски.
Тој потенцираше дека притисоците нема да бидат дозволени.
– Граѓанската иницијатива „За Наше Куманово“ е згрозена од ваквото недолично однесување на централната власт и поединци од раководни позиции во Куманово во пресрет на локалните избори! Бараме институциите на системот да почнат да работат на спречување на ваков тип на притисоци. Државната изборна комисија мора да реагира на вакви нерегуларности. Не смее никој да врши притисок на гласачите – истакна Павловски.