КОСТОВ ДО ХИРУРЗИТЕ ОД „8 СЕПТЕМВРИ“ Имаме потреба од вас во одделенијата со ковид пациенти

Директорот на болницата вели дека акцент е ставен на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интевенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури), додека е редуциран е и елективниот програм како секаде во светот.

593

Ја разбирам потребата за зголемување на бројот на оперативни сали и денови кај колегите од хирургија и секојдневно сум информиран за оперативниот програм во нашата установа, вели директорот на ЈЗУ ГОБ „8 Септември“  Христијан Костов откако хирурзите на оваа болница најавија протест за следната недела.

– Меѓутоа, согласно бројот на анестезиолози, земајќи го предвид и бројот на оправдано отсутни поради болест, нивниот ангажман во ковид одделенијата, редуцираниот број на хируршки одделенија поради зголемување на капацитетот на одделенија за лекување на ковид позитивни пациенти согласно препораките на Министерството за здравство во кои е потребен поголем број медицински персонал, ставен е акцент на оперативно лекување на пациенти кај кои одложувањето на оперативните интервенции би довело до загрозување на нивниот живот (малигноми и фрактури). И овие интервенции се одвиваат без застој – вели Костов.






Тој додава дека постои редукција на елективниот програм.

– Овој програм не само во нашата установа туку и секаде во светот е во слична состојба поради пандемијата (ангажирање на персоналот за лекување на приоритетните пациенти заболени од ковид). Воедно би сакал да нагласам дека од колегите имаме потреба за помош во лекувањето на ковид позитивните пациенти кои лежат во ковид одделенијата, и ќе се вклучат во овој процес на лекување до периодот кога ќе се создадат услови за работа на хируршкиот колектив во полн капацитет – вели Костов.

 

Поврзани содржини