1800 ДЕНАРИ ЗА ПЕЧАТЕЊЕ НА Е-УЧЕБНИЦИ Главоболки, провев, осипи на лицето… што уште ѝ укажа Правобранителот на Царовска

Народниот правобранител бара МОН заедно со локалната самоуправа да ги обезбедат потребните дезинфекциско-хигиенски средства и материјали, како и итно да се реши проблемот со немање учебници за сите ученици, а особено проблемот со е-учебниците за учениците од четврто одделение.

4,554

Да се скратат часовите и да се зголемат одморите, да се обезбедат учебници за сите и да се реши проблемот со е-учебниците, се дел од барањата кои Народниот правобранител денеска на писмено ѝ ги врачи на министерката за образование Мила Царовска и ѝ даде рок од 10 дена да одговори.

Со почетокот на учебната 2021/2022 година кај Народниот правобранител зачестија поплаките од ученици и родители во врска со начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во основните и средните училишта, соопшти канцеларијата на Правобранителот, која отвори предмет по сопствена иницијатива за да следи како се остварува правото на образование на децата и како влијаат мерките кои ги преземаат надлежните во услови на пандемија од ковид-19.






Преку медиумите Народниот правобранител сознал дека на дневна основа расте бројот на заразени ученици и наставници од ковид-19, како и бројот на оние кои поради контакт со позитивните случаи се во изолација, што во извесни случаи се и цели паралелки.

„Иако средствата за јавно информирање секојдневно известуваат за конкретни бројки на новооткриени позитивни случаи на ученици и наставници ширум државата, ресорното Министерството за медиумите не соопштува конкретни бројки, туку само споделува информација за извесен процент од 0,02 проценти од вкупниот број ученици, при што се тврди дека интерна трансмисија на вирусот во рамки на училиштата не постои, се вели во соопштението.

Следниве поплаки ги упатиле до Народниот правобранител учениците, родителите и наставниците:

Во текот на денот учениците имаат и по 7 часа, со времетраење на часовите со физичко присуство од 40 минути во основното и 45 минути во средното образование. При тоа, поради придржување кон Протоколите учениците потребно е постојано да имаат заштитна маска на лицата, што пак, предизвикува голем замор, придружен со главоболка и намалена концентрација за следење, односно за реализирање на наставата, а кај дел од децата има осип во пределот на лицето кое е покриено со маска.

Главоболките и други непријатности од здравствен аспект кои учениците и наставниците ги чувствуваат се и поради честото или постојаното проветрување на училниците, односно поради целосно отворени прозорци и постојано држење отворена врата од училниците за време на часовите, поради што учениците во текот на целиот ден се изложени на провев, проблем кој е и сега присутен, а со заладувањето и намалувањето на температурите во следниот период уште повеќе ќе се потенцира.

Неопремени тоалети, недостиг на дезинфекциски средства, течни сапуни и други хигиенски средства во голем број училишта, за кои дел од родителите информираат дека се на нивен трошок.

Создавање гужва пред влезовите на училиштата поради запазување на Протоколот и обврската за мерење на телесна температура, што е особено присутно во училишта со голем број ученици, каде има мал број на влезови, или бесконтактни топломери и расположлив кадар кој би го вршел мерењето, што предизвикува учениците често до доцнат на првиот час.

Голем број ученици во паралелка – често повеќе од 30 ученици, во училница, кои најчесто се со простор од околу 30м2 со што е невозможно одржување физичка дистанца.

Учениците кои од медицински или немедицински причини се на онлајн настава се соочуваат со други проблеми – често наставниците воопшто не закажуваат часови на Teams, а оние мал број часови кои досега се реализирани се со придружни технички проблеми како на пример проблеми со интернетот во самите училишта, слаб прием на звук и слика, па така учениците кои следат настава од дома најчесто само добиваат материјали, и тоа само од дел од наставниците, за самостојно совладување на содржините.

Недостиг на учебници за голем број ученици, а и оние ученици кои имаат добиено учебници истите се со крајно лош квалитет и дотраени (искинати, ишкртани, без сите страници). Проблем со кој се соочуваат четвртоодделенците е што според новата концепција немаат хартиени учебници, туку само е-учебници, кои многу е тешко да бидат поставени на одреден електронски уред. За учениците да имаат дигитални учебници од кои би можеле да учат, најпрво е потребно да имаат ИТ уред, при што тој треба да биде современ за да може да се симнат од линковите кои ги праќаат наставниците на родителите (постојат различни линкови за Android, односно Windows уреди), бидејќи на стари уреди или уреди со мала меморија симнувањето на учебниците е невозможно. Голем број родители во своите јавувања кај Народниот правобранител укажуваат дека имаат проблеми при инсталирањето на е-учебниците, и поради тоа што покрај стабилен интернет треба да имаат и дигитални вештини бидејќи самиот процес на инсталација не е едноставен, а е потребно и големо трпение, бидејќи поради преотоварен сообраќај, често се случува инсталирањето да не е успешно и покрај голем број обиди.

Од друга страна, бидејќи училиштата не обезбедуваат печатени верзии на учебници за четврто одделение, родителите наведуваат дека се приморани самостојно да ги испечатат. Печатењето во боја на pdf верзиите на овие учебници чини околу 1800 денари за целиот сет учебници, што претставува значаен проблем за голем број семејства во социјален ризик. Учебници постојат само за мајчин јазик, Математика, Природни науки, Историја и општество, додека за другите наставни предмети нема никаков учебник. Дополнителен проблем е тоа што со печатење на pdf верзиите на е-учебници се кршат авторските права на авторите на учебниците, па тие и не можат да се набават во секоја фотокопирница, забележува Правобранителот.

Проблем е и недостиг на образовни асистенти за инклузираните ученици со попреченост. Голем број образовни асистенти го имаат раскинато Договорот за работа со основните училишта иако ја поминале обуката поради разни причини (самостојна одлука по проценка дека нема да можат да испорачаат добра асистенција, лош прием во некои од основните училишта од самите наставници, стручните служби или раководството на општинските училишта).

Проблем е и сложената процедура за добивање личен асистент и дека иако треба да бидат доделени од МОН, всушност ќе бидат обезбедени преку Министерството за труд и социјална политика.

Народниот правобранител со цел непречено, ефикасно и квалитетно образование на секое дете повторно укажува дека државните органи мора редовно да ја мониторираат епидемиолошката состојба и во случај на влошување на истата, Министерството за образование треба да овозможи брзо и флексибилно преминување кон други модели на настава заради заштита на здравјето на учениците, наставниот и ненаставниот кадар од училиштата, односно кон моделите – целосна настава со учење од далечина или комбинирано при што за правилно изведување на комбинираната настава потребно е обезбедување на сите предуслови во училиштата, во прв ред стабилен и брз интернет, како и сериозен пристап од наставниците кои треба да реализираат настава како со оние ученици кои се во училница, така и со оние ученици кои се на онлајн, пришто треба да ја дадат целосната поддршка и кон сите ученици при совладувањето на наставните содржини.

Во однос на времетраењето на часовите со физичко присуство, Народниот правобранител укажува да се разгледа можноста тие да се реализираат во пократок временски период, за сметка на одморите помеѓу часовите кои треба да бидат зачестени и со зголемено времетраење.

Народниот правобранител бара МОН заедно со локалната самоуправа да ги обезбедат потребните дезинфекциско-хигиенски средства и материјали, како и итно да се реши проблемот со немање учебници за сите ученици, а особено проблемот со е-учебниците за учениците од четврто одделение.

Исто така, се бара веднаш да се преземат мерки и дејствија за обезбедување образовни и лични асистенти за инклузираните ученици со попреченост.

Народниот правобранител очекува Министерството за образование и наука сериозно да ги разгледа дадените укажувања од Народниот правобранител, а за преземените мерки, согласно член 34 од Законот за народниот правобранител, да достави одговор најдоцна во рок од 10 дена.

Поврзани содржини