ВМРО-ДПМНЕ БАРА КРИВИЧНА ОДГОВОРНОСТ Филипче даде изнудена оставка, да не беше така ќе ја дадеше веднаш по несреќата
Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ побара кривична одговорност која, како што вели, ќе даде одговор за пропустите за работењето на болницaта
Оставката на Венко Филипче не е морална одговорност, изнудена е. Да ја чувствуваше ќе си дадеше оставка уште првиот ден по несреќата, рече Рашела Мизрахи, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес конференција на која постави неколку прашања поврзани со настанот и побара кривична одговорност.
– Овој пат понудената оставка е изнудена под притисок на објективната јавност која со право бара одговори од оние кои се надлежни за хоророт и ужасната трагедија во која завршија 15 животи.Но, моралната одговорност за една таква оставка за која сѐ уште не се знае дали ќе биде прифатена не ги дава одговорите кои ги бара јавноста, и уште повеќе не праќа порака до сите сегашни и идни функционери дека не смеат да си поигруваат со животите на нашите граѓани.Потребна е кривична одговорност до која ќе се дојде преку објективна и неутрална истрага која мора да биде реализирана – рече Мизрахи.
Таа додаде дека вистинските прашања на кои истрагата и кривичната одговорност треба да даде одговор се пиврзани со пропустите кои доведоа во болница, објект под надлежност на министерството за здравство и Владата да згаснат 15 животи.
– Каков бил проектот и тендерот за изградбата на болниците?Како се градени модуларните болници? Со каков материјал, зошто огнот толку брзо продрел и дали болниците имаат употребна дозвола? Зошто според сведоштвата на преживеаните во болницата немало ниту еден противпожарен апарат?Зошто роднини на болни биле во болницата и дали се работи за недостаток на медицински персонал наспроти уверувањата на Филипче и Заев во текот на целата здравствена криза дека се под контрола и дека институциите имаат сопствен капацитет во справувањето со предизвиците? А не дали Филипче го чувствува она што се подразбира дека треба да го има а тоа е морална одговорност. – рече Мизрахи.