ПРЕСВРТ ВО СЛУЧАЈОТ СО ДЕТЕТО КОЕ Е ПРОНАЈДЕНО ПО ТРИ НОЌИ ВО ШУМАТА Полицијата ја мачи едно прашање
Семејството на момчето Ентони Еј-Џеј Елфалак од Австралија се надева дека професионалните екипи ќе му помогнат да сфатат како детето поминало три ноќи само во шума на непристапен терен зад нивната куќа.
Џејк Касар, професионален трагач, од саботата се наоѓа во семејниот дом во селото на околу 150 км северозападно од Сиднеј и помагал во пронаоѓањето на детето. Тој за „Дејли мејл“ рекол дека не може да ја исклучи можноста дека детето било киднапирано, а неговата работа е да ги земе во предвид сите опции.
– Ако имате две нозе и срце, сѐ е можно. Не е важно дали сте 97-годишна старица или тригодишно дете – рекол тој.
Тој се запрашал дали Еј-Џеј навистина отишол подалеку од дома и некако се вратил до местото каде што е пронајден, што е на само 500 метри од неговата семејна куќа. Тоа место било темелно пребарано во деновите кога исчезнал.
Касар рекол дека ќе продолжи да го истражува подрачјето за да пронајде каков било знак дека детето е киднапирано.
Влезот во потокот, каде детето било пронајдено, е толку стрмен што и повеќето возрасни луѓе би се мачеле да се спуштат до него.
Еј-Џеј бил пронајден како седи во плиток, матен поток во подножјето на одвај видливата патека, но останува прашањето како безбедно минал по толку стрмната патека.
И да успеал да се спушти до него, веројатно не би можел да излезе од таму.
Касар рекол дека ќе се потруди на семејството да му пружи повеќе детали и да ја разреши дилемата за тоа дали детето залутало или било киднапирано, во што семејството верувало од самиот почеток.
Инспекторите исто така спроведуваат истрага и се обидуваат да откријат како детето, кое има аутизам и не зборува, успеало да преживее дури 72 часа во влажни услови, без никаква храна.
Не е јасно ни како детето се појавило во потокот на само 500 метри од куќата, избегнувајќи ги кучињата трагачи и големиот број на волонтери.