ДИМИТРИЕВСКИ ЗБОРУВА ЗА ДВОРСКИ ИГРИ ВО СДСМ Нема да дозволам некој од Куманово да направи пашалак
Во однос на информациите за негово исклучување од партијата, тој вели дека разочарувањето е огромно затоа што е одлука на поединци, а не одлука на партиското членство.
Прочитав изјава дека Максим свртел грб на Максим, односно јас самиот на себе. Да бидеме на чисто, јас не свртев грб на никого, јас сум тука да служам на граѓаните на Куманово и тука сум поради нив. Покажав дека нема да дозволам да бидам жртва на манипулации и политички калкулации. Јавно побарав поддршка од мојата матична партија за да ја поддржат мојата кандидатура, но поединци во партијата наместо да одат со народот на Куманово одбраа да одат да го делат народот, вели актуелниот градоначалник на општина Куманово и независен кандидат за втор мандат Максим Димитриевски, во интервју за Прес 24.
Во однос на информациите за негово исклучување од партијата, тој вели дека разочарувањето е огромно затоа што е одлука на поединци, а не одлука на партиското членство.
– Статутот на партијата е јасен. По покренување на таква одлука треба да се повика членот кој се отповикува на јавна расправа и тој има право на образложение и жалба. Бевме сведоци на изјави од поединци од СДСМ дадени пред време дека ме исклучиле. Очекував повеќе од раководство кое се декларира како демократско, а не очекував дека поединци во партијата ќе успеат со свои интриги да направат толку голема штета за членството, симпатизерите и поддржувачите. Еднаш кажав и ќе повторам – нема да дозволам некој да го направи Куманово пашалак. Кумановци тоа нема да го дозволат – потенцира Димитриевски.
Во интервјуто, Димитриевски истакнува дека неговата намера била јасна за втор мандат и на сите партиски анкети бил на прво место.
„Кај мене никогаш немаше скриени калкулации, за разлика од тоа што го правеа поединци во партијата. Нелогичен е овој потег на мојата партија да оди со друг кандидат наместо да ме поддржи. Изјавите дека мене некој ме развивал и ми давал можност за лична промоција е навистина смешна. Многу погрешно и поразително е да се мисли дека лукративниот пристап и клиентелизмот, дворските игри или византиските игри се обележје на една партија. Жално е што наместо идеологија зборуваме за почитување на основна демократија, како слободата на изразување. Јас се уште сум член на СДСМ и не сум исклучен. Според статутот на партијата треба да ме повикаат да ја објаснам мојата одлука. Јас и претседателот на паријата го информирав за сите активности што ги планирав, без да добијам конкретен одговор од другата страна. Не сум човек што води монолози, сакам дијалог и разговор – изјави Димитриевски.
Во однос на можни опструкции во кампањата, Димитриевски вели дека очекува и е подготвен на се, затоа што нема ниту една дамка во своето работење.
– Истиот човек сум како и пред да станам градоначалник. Во вакви околности спремен сум на се, ама немам што да кријам и немам од што да се плашам затоа што со мене ги има кумановци – потенцира Димитриевски.