ДОДЕЛЕНА НАГРАДАТА „КОЛЕ НЕДЕЛКОВСКИ“ Писателката Алексоска е горда на признанието

Алексоска е професор во пензија и хуманист. Пред две години го доби посланието Света Мајка Тереза за хумани вредности подарени за човечката среќа.

202

Писателката Нада Алексоска, автор на бројни дела поезија и проза, е годинашен добитник на наградата „Коле Неделковски“, која се доделува за животно дело од Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“ од Велес.

Признанието се доделува петти пат, а беше врачено денеска, на одбележувањето 80 години од смртта на поетот Коле Неделковски.






– Пријатно сум изненадена и горда на ова признание. Иако сум пензионер јас и понатаму читам и пишувам – рече Алексоска откако ја доби наградата на цеременијата во дворот на ССОУ „Коле Неделковски“.

Таа потоа положи цвеќе на споменикот на Коле Неделковски во дворот на неговата родна куќа во село Војница.

Нада Алексоска е автор е на Монографијата „Смилјан Гриовски агентот на ЦИА“ издадена 1998 година, стихозбирките „ Кога душата говори“, „Ластовичка“ , „Песната на ѕвездите“ и збирките на новели „Под сенката на брезата“  и „Муабетење со умот“. Од основно училиште почнала да пишува, а продолжила и понатаму, па се до денес. Нејзини творби се објавувани во разни весници и списанија, настапувала на многу манифестации и фестивали како во државата така и надвор од неа.

Како професор на Факултетот во градот Манхајм и како наставник во дополнителните училишта по македонски јазик во многу градови во Германија учествувала со своите ученици и студенти на многу собири, а за одбележување е настапот пред спомен плочата на Свети Методиј пред црквата во градот Елванген каде тој бил повеќе години во заточение. Неколку години била новинар и лектор на весникот „Македонско сонце“, а денес е дописник на весникот „Пензионер плус“ .

Алексоска е професор во пензија и хуманист. Пред две години го доби посланието Света Мајка Тереза за хумани вредности подарени за човечката среќа.

Поврзани содржини