„БОСТАНИЕ“ ПРВА УРБАНА ГРАДИНА ВО СКОПЈЕ Проектот на „Зелена Арка“ го чини Градот 32.500 евра
Урбаната градина е изработена во паркот во Ново Лисиче и е отворена за посетители.
Првата урбана градина во Скопје, сместена во паркот во Ново Лисиче, од денеска ги отвора вратите за посетители. Градината „Бостание“ е работена согласно со проектот на здружението на граѓани „Зелена Арка“, реализиран со финансиска поддршка на Град Скопје, а во соработка со Општина Аеродром, ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Градежниот институт и повеќе општествено одговорни компании.
За реализација на овој проект предвидени се два милиони денари (34.460 евра) финансиска поддршка од Буџетот на Град Скопје.
Урбанта градина треба да израсне во оаза за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите.
– Успешната изведба и одржување на првата урбана градина преку заедничкото делување на локалната самоуправа и граѓаните ќе биде поттик за граѓански иницијативи за уредување вакви урбани градини и на други погодни локации во Скопје. На тој начин, покрај поголемото учество на граѓаните во креирањето на поотпорна и поздрава животна средина и соработката со локалната власт, како и преку личната и споделената одговорност за одржување на градините и поголемото чувство за припадност кон заедницата, ќе се обезбедат поголем број на микроклиматски оази кои ќе ги задоволат рекреативните или едукативните потреби на скопјани – велат од Град Скопје.
Градот обезбеди и практична обука за одржливо градинарство на учесниците на заедницата, граѓани-градинари, од страна на стручен кадар од таа област.