„ЛАЈКА“ ЌЕ ОДИ НА СУД Во затворот во Идризово нема услови ни за луѓе, ни за кучиња
Ќе ги преземеме сите правни дејства против сите службени лица кои ќе го прекршат законот со реализирање на оваа сурова замисла, која е производ на комплетно непознавање на политиките за хуман третман на бездомни животни, велат активистите.
Активисти на граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ реагират поради најавите дека ЈП „Лајка“ ќе ги затвора бездомните кучиња во затворот во Идризово и најавува тужби против инволвираните во овој нехуман третман на кучињата.
– По многубројните реакции од граѓани за држењето во заложништво на кучиња со сопственици, по ловењето веќе истретирани кучиња со маркици, сега в.д. директорката на ЈП Лајка сака да затвора бездомни кучиња во КПД Идризово каде што според сите извештаи од македонски и странски набљудувачи, како и Годишниот извештај од Народниот правобранител за 2019 година (стр. 82-87) нема човечни услови ни за престој на луѓе. Ако во КПД Идризово нема услови за престој на луѓе, сигурно нема услови за згрижување на бездомни животни – реагираа активистите од „Зелен хуман град“.
Според зелените, предлог-проекти од ваков обем и карактер, финансирани од јавни пари, без исклучок, се базираат на претходно изработени студии и детални анализи кои говорат за финансиската оправданост на проектот, како и долгорочниот придонес кон решавање на проблемот со бездомните животни со имплементација на ваква програма.
– Ниту Град Скопје, ниту општината Гази Баба, ниту ЈП „Лајка“ немаат направено студии и анализи со кои би требало да го поткрепат понуденото решение. Со кои јавно објавени анализи се граѓаните информирани дека трајно згрижување на
бездомни животни ќе го намали нивниот број на долгорочен план кога во самата годишна програма за работа на ЈП „Лајка“ е наведено „групата кучиња на дадена локација самостојно се штити од прилив на нови единки“? – се вели во реакцијата на активистите.
Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ остро се спротивставува на плановите за затворање на бездомни кучиња во затворот Идризово.
– Најавуваме дека ќе ги преземеме сите правни дејства кои ни се на располагање против сите службени лица кои ќе го прекршат законот со реализирање на оваа сурова замисла, која е производ на комплетно непознавање на политиките за хуман третман на бездомни животни, но и производ на непочитување и неспроведување и на постојните програми и стратегии кои самото јавно претпријатие „Лајка“ ги усвоило. Единствената стратегија која дава резултати и која гарантира ефективна контрола и хуман третман на бездомните животни е масовна стерилизација/кастрација преку програмата залови-стерилизирај-вакцинирај-врати, ригорозна контрола над одгледувачи и размножувачи на животни, како и несовесни сопственици кои ги напуштаат своите миленици или ги фрлаат малите штотуку родени кученца – предлага „Зелен хуман град“.