БЕБЕТО ТЕШКО КОЛКУ ЈАБОЛКО ИЗЛЕЗЕ ОД БОЛНИЦА После 13 месеци најмалото бебе на светот конечно стаса дома
Бебето родено лани во Сингапур со 212 грама, во шестиот месец од бременоста, излезе од болница живо, здраво и тешко 6,3 килограми
Бебето, за кое се верува дека е најмалото што се родило во поновата историја, излезе од болницата во Сингапур, по 13 месеци интензивно лекување.
Девојчето Квек Ју Ксуан тежело само 212 грама – колку едно јаболко, кога се родило лани. Нејзината должина била 24 сантиметри, а се роди на нецели 25 недели од бременоста, додека просекот е 40 недели. Претходна „рекордерка“ беше девојче родено во САД, во 2018 година, кое тежело 245 грама.
Ју Ксуан е родена со царски рез четири месеци порано откако на нејзината мајка ѝ бил дијагностициран опасно висок крвен притисок што може да ги оштети виталните органи на мајката и детето. Ју Ксуан сега тежи 6,3 килограми. По раѓањето, докторите не ѝ даваа голема веројатност да преживее, но девојчето конечно денес е во својот дом.
Таа минала низ различни третмани во болницата во текот на изминатите 13 месеци и преживеала со помош на неколку апарати. Сепак, бебето има хронично заболување на белите дробови, поради што ќе ѝ треба помош и дома, но лекарите очекуваат дека нејзината состојба ќе се подобри со текот на времето. За време на лекувањето на девојчето беа собрани околу 230.000 евра.
Фото: Принтскрин