Каков пестицид е етилниот оксид пронајден во сладоледите – остава ли последици по здравјето?

Долгорочното изложување на етилен оксид може да предизвика посериозни иритации на очите, кожата, носот, грлото и белите дробови и да го оштети мозокот и нервниот систем, а може да биде и канцерогено.

1,895

Сладоледите „Bounty“, „Snickers“ и „Twix“, земјите од регионот веќе ги повлекуваат од продажба поради тоа што содржат зголемено и недозволиво количество на етилен оксид, а во Македонија допрва ќе се спроведува инспекциска контрола за тоа дали и во нашата земја се увезени такви сладоледи.

Истата оваа супстанца беше причина да се повлечат од продажба тоните сусам кои беа увезени од Индија, а се утврди дека етилниот оксид се појавил на сусамот преку пестицид кој бил испрскан на ова растение.






Потрошувачите нема веднаш да го почувствуваат штетниот ефект, но овој пестицид има долгорочно негативно влијание врз здравјето на луѓето, пишуваат Би-Би-Си на српски јазик.

– Луѓето кои го јадат овој сусам нема да бидат отруени автоматски, туку ќе забележат дека имаат осип по телото или друга слична реакција – вели д-р Каролина Берењи за Би-Би-Си на српски јазик, додавајќи дека во Европска Унија овој пестицид се наоѓа на забранета листа на пестициди, такашто долгорочната потрошувачка веројатно би имала зголемен штетен ефект врз здравјето на луѓето.

Што е етилен оксид?

– Тоа е гас кој се користи како додаток во зачини, а може да биде и средство за стерилизација на медицинска опрема. По правило, оваа гасовита супстанца испарува по процесот на чистење. Кога опремата се стерилизира, се пропишува одредено време за кое етилен оксидот испарува. Претпоставувам дека е дозволен да се користи во Индија, па тоа е начинот на кој тој пестицид пристигна и тука – вели Каролина Берењи.

Соединението исто така се користи и во текстилното производство и како суровина во хемиската индустрија.

Колку може да биде опасен?

Ако луѓето се изложени на етилен оксид на краток рок, тоа може да се манифестира преку иритација на очите и мукозните мембрани и забавување на централниот нервен систем, стои на веб-страницата на Американската агенција за заштита на животната средина.

Долгорочното изложување на етилен оксид може да предизвика посериозни иритации на очите, кожата, носот, грлото и белите дробови и да го оштети мозокот и нервниот систем. Американската агенција за заштита на животната средина, заклучи дека вдишувањето на етилен оксид може да биде и канцерогено.

Исто така, постојат докази што ја поврзуваат изложеноста на оваа супстанца со проблеми на репродуктивното здравје.

– Секако дека нема опасност за некој што изел неколку од споменатите сладоледи – вели токсикологот Петар Булат за Нова.рс

Како етилен оксидот завршил во сладоледите?

Производителот на сладоледите најверојатно го купил додатокот од некој кој немал доволно чисто производство, објаснува Петар Булат.

– Етилен оксид е една од почетните супстанци за производство на етилен гликол, кој се користи како антифриз. Верувам дека тука е во прашање додаток кој е задолжен за тоа сладоледот да не се стегне премногу, туку да биде покремаст – додава Булат.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) за Плусинфо информираат дека до нив е пристигната нотификација (број 2021.3720) од системот за брзо предупредување за храна и храна за исхрана на животни (РАССФ) на Европската Унија, која е поврзана со увезени небезбедни кондиторски производи коишто во својот состав содржат адитив со наод на етилен оксид. Станува збор за адитивот „locust bean gum“.

– Согласно воспоставената процедура за постапување по добиената нотификација, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство вршат контрола кај двајца оператори увозници. По спроведената инспекциска контрола ќе бидат утврдени количините и видовите увезени производи и ќе се дефинираат насоките за понатамошно дејствување – велат од АХВ за Плусинфо.

Оттаму додаваат дека по спроведените инспекциски контроли кај двата оператора и доколку бидат откриени спорни сладоледи, тие ќе бидат повлечени од употреба.

Поврзани содржини