Османи: Потребен е политички консензус пред да се донесе Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Собрание
Министерот за надворешни работи смета дека консензусот ќе придонесе нашата позиција во преговорите со Бугарија да биде поверодостојна.
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, смета дека е потребен консензус на политичките партии за усвојување на предложената Резолуција на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ со што ќе се придонесе позицијата во преговори со Бугарија да се подобри и да биде поверодостојна.
Според него, не е спорна содржината, туку начинот на усвојување на Резолуцијата.
– Важно е иницијативата во Собранието да биде одобрена со консензус, затоа што работевме напорно во овој период да изградиме државен став во однос на овие чувствителни прашања кои имаат елементи на етнички позиции – изјави Османи за ТВ Сител.
Тој рече дека смета дека Собранието не треба да ја донесе Резолуцијата, освен ако нема консензус меѓу политичките партии од сите етнички заедници.
– Мојот апел беше разбран од предлагачите, но и од другите политички партии кои започнаа поактивна посветеност да се постигне тој консензус во однос на текстот и јас сум задоволен што политичките партии, вклучително и мојата партија, веќе комуницираат за тоа. Мислам дека ако имаше само една етничка позиција, затоа што се обидовме да ја надминеме, односно да ја завршиме како државна позиција и успеавме – рече тој.
Османи појасни дека не го гледа проблемот во содржината.
– Во однос на содржината, во тој документ нема ништо поразлично од она што го кажуваме секој ден на нашите позиции затоа што тие се наши позиции. Од почетокот рековме дека не разговараме билатерално за прашањето на јазикот, за прашањето на идентитетот, но стигнавме до оваа позиција за прашањето на јазикот, за прашањето на идентитетот да биде поддржано од сите граѓани на оваа земја без оглед на етничка припадност и ова беше многу важно за кредибилитетот, како што реков во нашата позиција пред ЕУ, пред Бугарија, пред светот. Не беше лесно да се изгради тој консензус – рече Османи.