И земјава се согласи на новиот глобален данок кој ќе го плаќаат најголемите 100 компании
Иницијативата ја поддржаа сите G20 држави, а министрите за финансии на 9 јули треба и официјално да ја потпишат спогодбата.
Земјава е меѓу 130 држави кои се согласија да го променат светскиот даночен систем за да обезбедат компаниите да плаќаат фер данок без разлика каде работат. Измените глобално би можеле да генерираат дополнителни 150 милијарди долари.
Со ова донечење , како што е најавено, треба да се спречи најголемите компании да ја префрлаат својата заработка во даночни раеви и да избегнат фер плаќање на данок.
Организацијата за економска соработка и развој објави дека 130 држави од вкупно 139 ја поддржале иницијативата за минимален ефективен корпоративен данок од 15 отсто.
Естонија, Унгарија, Ирска и Барбадос се изјаснија против овој данок. Во дел од нив најголемите светски компании имаат големи инвестиции што се оценува како неповолно за земјите.
Со промените ќе бидат зафатени 100 најголеми компании помеѓу кои секако се Google, Amazon, Apple и Facebook.
Пакетот со два столба има за цел да осигури дека големите мултинационални претпријатија ќе плаќаат данок во државите во кои имаат седиште, но и во државите каде што немаат седиште но остваруваат профит.
Со вториот столб треба да се обезбеди минимален корпоративен данок за компаниите да не можат да се селат во држави кои ќе им понудат минимална цена. Со поставување на глобален минимум на корпоративниот данок треба да се обезбеди крај на трката која држава ќе го намали данокот најмногу.
Ова се однесува на компаниите со заработка од над 20 милијарди долари годишно и маргина на профит пред оданочувањето од 10%. Овој праг можеби ќе се намалува.
По седум години е предвидена анализа на резултатите и може да бидат опфатени и компании со заработка над 10 милијарди долари.
Иницијативата ја поддржаа сите G20 држави, а министрите за финансии на 9 јули треба и официјално да ја потпишат спогодбата.