Стоилковски: Заев наместо деманти да го покаже предлогот до Бугарија

Доколку Заев го понудил ова решение, тогаш ја прифатил тезата еден народ во две држави и во целост ја побугарчува Македонија и ја брише македонската културна и јазична посебност. Полошо од бугарските негации на Македонците и македонското, се искажаните ставови на Зоран Заев, неговата понизност и подготвеност за предавство

299

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски на прес конференција пушти видео колаж на кое премиерот Зоран Заев зборува дека македонскиот и бугарскиот е еден народ и зборуваат на ист јазик.

– Ова е видео колаж од изјави во однос на Македонија и Бугарија, којшто завршува со она коешто стигна од Бугарија како информација испратена од како што велат од таму од официјални лица за медиумите дека е даден предлог со пет формулации од кои за едната од нив станува збор за ист јазик, меѓународно признаени како два јазици. Видеото е кус потсетник за се она што Заев го зборува последните четири години. Ова е кус потсетник за пораките коишто Заев постојано ги упатува до Софија – рече Стоилковски.






Според него, ова е веродостоен доказ како основа за верба во брифирањата од официјална Софија за бугарските медиуми дека Заев дал предлози во коишто за македонскиот јазик било наведено дека е ист јазик со бугарскиот јазик. Ист ист јазик, но во две држави признаени како два јазици.

– Доколку Заев го понудил ова решение, тогаш ја прифатил тезата еден народ во две држави и во целост ја побугарчува Македонија и ја брише македонската културна и јазична посебност. Полошо од бугарските негации на Македонците и македонското, се искажаните ставови на Зоран Заев, неговата понизност и подготвеност за предавство. Зоран Заев со неговите досегашни изјави, со неговиот актуелен молк, со бегството од носењето документ во Собранието дека за идентитетските одредници никој не смее да преговара, остава впечаток и предизвикува чувство дека понудил бришење на македонскиот идентитет во целост – вели Стоилковски.

Тој му порача на премиерот да не помислува да си игра со македонскиот национален идентитет, да не си игра со македонскиот јазик, со македонската култура, со македонската самобитност и македонската историја, затоа што ќе добие жесток одговор на каков било обид за ништење на македонскиот национален идентитет.

– Најдобар демант наместо празни флоскули, е предочување на предлогот пред јавноста, за таа сама да ја оцени вистинитоста – рече Стоилковски.

Поврзани содржини