ТУРИЗАМ Велешкото езеро Младост доживува втора младост ГАЛЕРИЈА
Со проектот ,,Паметно езеро Младост”, традиционалното излетиште добива подобар изглед и прераснува во регионална атракција за одмор и за уживање.
Езерото Младост полека прераснува во еко-центар на транзитниот туризам во Велешкиот регион. Наоѓајќи се во непосредна близина на автопатот Е-75, претставува туристички потенцијал за 2,5 милиони транзитни туристи кои поминуваат секоја година.
Токму тоа е целта на Проектот за локална и регионална конкурентност „Смарт Езеро Младост – Прва иновативна туристичка атракција во Македонија“.
Проектот е финансиран од Европска Унија и од Светска Банка, во износ од 1 милион евра. Со него се предвидуваат 18 елементи, 9 градежни работи а 9 елементи кои претставуваат паметна или смарт технологија.
Граѓаните сега имаат бесплатен пристап до бунгаловите, парк со мини фонтани и летниковци, лулки или нишалки за мали деца и мини плажи. Исто така, тие имаат можност да појадуваат, ручаат или да вечераат, па и да преноќат во хотелите околу езерото.
Направена е пешачка патека во должина од 750 метри, тротоар покрај езерото и еко-камп во облик на вински буриња, затоа што тука почнува винскиот пат и завршува во Тиквеш во Кавадарци. Еко-кампот има 7 вакви куќички со капацитет од 28 легла.
Исто така, во тек е изградба на систем за водоснабдување на населбите и селата близу езерото, како и атмосферска канализација. Дополнително, почнати се и градежни работи за асфалтирање, бетонирање или санирање на дел од улиците во околните места, како и набавка и поставување на сепаратор во функција на паркинг.
Во овој регион исто така се одвиваат и трки со мотори, како и некои водени спортови. Велешани секојдневно доаѓаат и спортуваат на патеките околу езерото.
Дополнително, во Велес се изгради и мини езерце во градскиот парк.
Со овој проект, околината на езерото Младост добива се подобар изглед и веќе прераснува во регионална атракција за одмор и за уживање.
(Автор на оваа содржина е Даниела Јанушевска, учесник во обуката за млади новинари на редакцијата на ПЛусинфо)