Меѓународни синдикати тврдат дека има репресија врз синдикатите, а премиерот вели не знаел за тоа
Конфедерацијата на синдикати (КСС) која ги покажа забелешките на Меѓународните синдикални организации повторно бара средба со премиерот.
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) денеска, повикувајќи се на писмо од Светската конфедерација на синдикати и Европската конфедерација на синдикати, соопшти дека овие две меѓународни синдикални организации се загрижени за нефункционирањето на социјалниот дијалог во земјава.
– Од Светската и Европската конфедерација на синдикати многупати е упатено прашањето до премиерот, што се случува со социјалниот дијалог во Македонија, што се случува со КСС и зошто синдикалните лидери од КСС добиваат откази, но одговорот на премиерот е дека не е запознаен со ситуацијата. КСС има доставено низа барања за средби, имаме одржано низа протести и настани, со кои ги искажуваме нашите негодувања и со кои бараме таквите притисоци да престанат – рече претседателот на КСС Благоја Ралповски на прес-конференција.
Од КСС повикуваат што поскоро да се одржа бараната средба со премиерот на која ќе се разговара за сите проблеми.
– Светската и Европската конфедерација на синдикати бараат од премиерот да се заложи лично синдикатите да имаат еднаков третман во нашата земја, а КСС да се вклучи во социјалниот дијалог рамноправно и да може да одлучува. КСС порачува дека толеранцијата и трпението во изминатите години беше голема, и во контекст на писмото од Светската и Европската конфедерација на синдикати, го повикуваме премиерот, бараната средба да ја оствариме што поскоро и да започнеме да ги надминуваме проблеми наталожени со години – рече Ралповски.
Во спротивно, ККС најавува дека ќе преземе порадикални чекори од досегашните.