Липково ќе гради спомен кула во чест на ОНА, ќе чини 200.000 евра
Лидерот на ДУИ Али Ахмети и локалната власт минатата недела на 20-годишнината од војната во 2001 година, таму положија цвеќе со ветување дека кулата ќе биде завршена до 28 ноември - денот на албанското знаме.
Спомен кула во чест на ОНА ќе гради Општина Липково во селото Слупчане. На сајтот на бирото за јавни набавки веќе е објавен договорот меѓу општината и компанијата „Хоџа инжинеринг“ од Куманово, која има рок изградбата да ја заврши за шест месеци, односно до 25 ноември. Договорот, со вклучено ДДВ е склучен на сума од 12.115.109 милиони денари, или приближно 200.000 евра.
Лидерот на ДУИ Али Ахмети и локалната власт минатата недела на 20-годишнината од војната во 2001 година, таму положија цвеќе со ветување дека кулата ќе биде завршена до 28 ноември – денот на албанското знаме.
– Секако дека денеска почнуваат работите. За изградбата на овој споменик, како што кажав, во спомен на паднатите борци, ОНА, мајките, жените, сестрите од оваа зона. На 28 ноември овој споменик ќе биде завршен – рече тогаш Ахмети.
Градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, тогаш изјави дека изградбата на споменикот доцни а до тогаш биле поминати разни процедури додека урбанистичкиот план на општината започнал во 2015 година.