Кому владата ќе исплати К-15 во износ од 9.000 денари?
Регрес за годишен одмор ќе добијат околу 27.000 вработени во администрацијата кои се членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Вработените во телата на државната и на локалната власт и други установи ќе добијат по најмалку 9.000 денари К-15. Владата веќе издвои пари за таа намена во ребалансот на буџетот за 2021 година во износ од 4 милиони евра.
К-15 ќе добијат околу 27.000 вработени кои се членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ). Или, поточно, по 150 евра ќе легнат на сметките на државните и јавните службеници во министерствата, Владата, Собранието, потоа на вработените во фондовите (ФЗО и ПИОМ), Управата за јавни приходи, Државниот завод за статистика, Агенција за катастар на недвижности, Државниот архив, Агенцијата за вработување, управните органи, во општините, Град Скопје и скопските општини, како и во правосудните органи, јавните обвинителства, казнено поправните, воспитно поправните установи и во центрите за социјални работи.
Од УПОЗ велат дека Гранскиот колективен договор потпишан во 2019 година има сила на закон и доколку не се исплати К-15 кој е дел од Договорот, работниците можат да тужат, а синдикатот ќе ги застапува.
– Износот на исплатениот регрес не може да биде понизок од 9.000 денари, но на ниво на работодавец и доколку има можност може да се договори и повисок износ на К-15 – вели Пецо Грујовски, претседател на синдикатот на УПОЗ.
Тој потсетува дека локалните власти се опфатени со Гранскиот колективен договор и не треба да се извлекуваат со тоа дека се самостојни во одлучувањето
– Гранскиот колективен договор важи и за сите општини. Да нема недоразбирање, општините, Град Скопје и општините во Скопје треба во своите буџети да предвидат пари за исплата на К-15 и да го исплатат до крајот на годината. Ако не го планирале, можат да направат ребаланс на буџетите и да предвидат пари за регрес на вработените на кои им следува. Доколку не го сторат тоа ќе добијат тужби – вели Грујовски.
Грујовски вели дека испалатата на регресот не треба да се доведува во релација со локалните избори.
– Исплатата на регресот за годишен одмор нема врска со локалните избори. Тој се исплаќа во текот на цела година зависно од одлуката на работодавците. Може да се исплати на почеток на година, кога работникот ќе оди на одмор или подоцна, но краен рок е 31 декември во тековната година. И лани требаше да се исплати, но пандемијата со ковид-19 беше причина за одлагање – додава Грујовски.
Според Гранскиот колективен договор потпишан од УПОЗ и министерот за информатичко општество и јавна администрација, вработен во државната управа и локалната власт има право на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 9.000 денари нето, под услов да работел најмалку 6 месеци во календарската година кај работодававезот. Правото на регрес за годишниот одмор има и вработениот кој во текот на календарската година се вработил кај друг работодававец кој е опфатен со овој колективен договор. Одредбите од договорот се однесуваат на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје само доколку се предвидени средства за таа намена во буџетот на општините, градот Скопје и општините во градот Скопје.
Регресот се исплатува еднаш во текот на годината, а најдоцна до крајот на тековната година.