Ахмети нема да нѐ изненади со заеднички кандидат за Скопје

За тоа дека Селмани би можел да биде кандидат за Скопје, од ДУИ само кусо коментираат „тој не е наш“.

3,477

Во очекување што ќе биде големото изненадување на лидерот на ДУИ Али Ахмети, кое тој треба да го обзнани утре, на роденденот на партијата, за Плусинфо извори од власта потврдуваат дека не станува збор за заеднички кандидат Албанец на ДУИ и на СДСМ за градоначалник на Скопје на претстојните локални избори. За каква платформа станува збор ќе треба да се почека до утре, бидејќи во ДУИ има завет на молчење за да не го нарушат пи-арот на Ахмети.

Ахмети лично најави дека новата платформа ќе биде дискутабилна и ќе предизвика голема дебата слично како бранувањата за концептот „прв премиер Албанец“.






Според информации од партијата, ДУИ ќе сврти ново поглавје во политичкото дејствување, но детали не кажуваат. Сепак, навестуваат дека не станува збор за ништо спектакуларно или пак за тема која би ги нарушила меѓуетничките или владини односи.

И додека медиумите на големо шпекулираат дека новината ќе биде заеднички кандидат на СДСМ и на ДУИ за градоначалник на Скопје, извори од ДУИ за Плусинфо ја негираат информацијата. Така веќе два дена се вртат информациите дека тоа би бил Изет Меџити, за наводно да се смират страстите на раскараните крила во ДУИ. Но, ако се следи ситуацијата, само пред неколку дена на оддавањето почит на загинатиот Имри Елези пред споменикот на Скендербег, Ахмети иако седна до Меџити, не се ни ракуваше со него. Или пак, дека кандидатот ќе биде Имер Селмани, поранешен министер за здравство и вицепремиер за рамковен од ДПА, но и кандидат за шеф на државата, тогаш популарен како македонскиот Обама. За тоа дека Селмани би можел да биде кандидат за Скопје, од ДУИ само кусо коментираат „тој не е наш“.

Изненадувањето му е познато и на премиерот Зоран Заев, но и тој одби да каже детали. Тој изјави дека тоа ќе биде убава работа, а убава затоа што е модерна и за 21 век.

Информацијата за големото изненадување Ахмети ја обелодени од Липково, каде ДУИ ја почна постапката за избор на кандидати за градоначалници и за советници за локални избори. Лидерот на ДУИ обелодени дека Еркан Арифи, актуелниот градоначалник на Липково, ќе биде кандидат за уште еден мандат на чело на оваа општина и дека Генералното собрание на партијата ќе го предложи него за градоначалник.

Партиски извори брифираат дека планот е Ахмети, по урнекот од Липково, летово да ги испромовира сите кандидати за градоначалници.

Плусинфо веќе објави дека повеќето актуелни градоначалници на градовите и побитни општини за ДУИ, најверојатно ќе бидат повторно номинирани за втор или за трет мандат и дека за некои општини повторно е можна соработка помеѓу СДСМ и ДУИ – уште во првиот круг да одат со заеднички кандидат.

Извори од партијата велат дека според веќе направените анкети, Фатмир Дехари ќе ја добие довербата за трет градоначалнички мандат во Кичево. За Тетово во тесна трка се актуелната градоначалничка Теута Арифи и пратеникот со најкус стаж, Фљорим Бесими, брат на министерот за финансии Фатмир Бесими, но дека големи се шансите Арифи да оди на трет градоначалнички мандат.

За Гостивар ДУИ го враќа ексградоначалникот Невзат Бејта. За Сарај, Блерим Беџети најверојатно ќе трча за втор мандат. За Чаир освен актуелниот градоначалник Висар Ганиу во игра е и Ардијан Муча директор на „Паркови и зеленило“, но најверојатно Ганиу ќе биде кандидиран за втор мандат. Впечатливо е дека контроверзниот Рамиз Мерко повторно е во игра за градоначалник на Струга. Коментарите од функционери во ДУИ одат од тоа дека, тој е „фикс“ за Струга, до тоа дека време е да се повлече.

Поврзани содржини