Мицкоски во детали раскажа што му открил газдата на компанијата, жртва на рекетот во РЕК Битола ВИДЕО
Следниот ден повторно Васко Ковачевски го повикува еден од сопствениците и му вели не 50 отсто, туку 75 отсто од набавката ќе треба да се префрлат на компанијата „СВ Инвест“. И овој вели не можам да ги префрлам, бидејќи тоа не е правда, не можам тоа да го направам ,јас сум го добил тендерот, мојата компанија и јас практично треба да ја завршам оваа работа, вели Мицкоски.
Парите од рекетот од РЕК, 250.000 евра Ковачевски кажува да се предадат на Вице, овој рекет случај ми го соопшти сопственикот на рекетираната компанија, рече вечерва Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ при гостување во емисијата „360 степени“ на Алсат М телевизија.
Мицкоски додаде дека тоа првпат на прес конференција пред три години го има обелоденето, а оваа операција се вршела за потребите на референдумот. А, за тоа сведочат, како што рече, и луѓето кои биле жртва на овој рекет од страна на тогашниот директор на рударско–енергетскиот комбинат Битола, Васко Ковачевски.
– Има јавна набавка во која што се пријавуваат градежни компании, кои што практично треба да извршат ископ на јаловина, чисто за да имаат гледачите претстава што значи тоа, тоа е земјата под која што се наоѓа јаглен, тоа не е ископ на јагленот, тоа е земјата, се трга земјата од почвата и останува јагленот, а потоа јагленот се носи во електраната на горење, за производство на електрична енергија. И тоа е во суштина најголемата набавка која што се случува во ЕЛЕМ во случајот во РЕК Битола. Некогаш се случува да таа набавка да достигне до милијарда, милијарда 200, милијарда и 500 милиони денари годишно – рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека во конкретниов случај чини 60-тина милиони евра, компанијата односно правното лице „Рубитон Битола“ го добива договорот, се прифаќа договорот, и се потпишува.
– И сега механизацијата која што треба да ја изврши оваа градежна активност треба да ја внесат во комбинатот, но тоа треба некој да им го дозволи. Тоа не им се дозволува, се прават опструкции и според записникот, се вршат опструкција од страна на раководството во РЕК Битола, и се повикува еден од сопствениците на разговор и му се сугерира да 50% од набавката ја префрли на компанијата „СВ Инвест – нагласи Мицкоски.
Мицкоски рече дека еден од сопствениците овој предлог од раководството на РЕК Битола го одбива, и вели дека тоа не е возможно правно да се направи. Тука завршува првиот состанок.
– Следниот ден повторно Васко Ковачевски го повикува еден од сопствениците и му вели не 50%, туку 75% од набавката ќе треба да се префрлат на компанијата „СВ Инвест“. И овој вели не можам да ги префрлам, бидејќи тоа не е правда, не можам тоа да го направам јас сум го добил тендерот, мојата компанија и јас практично треба да ја завршам оваа работа – појасни Мицкоски.
Мицкоски додаде дека третиот ден во присуство на сопственикот на компанијата „СВ Инвест“ повторно Васко Ковачевски го повикува еден од двајцата сопственици на компанијата која што ја добива јавната набавка, и вели не 50%, не 75% туку 100% треба да отстапи за тоа што следи референдум и има предвремени потреби и тоа било практично насока од најгоре.
И тука завршува третиот состанок. Еден од сопствениците кој бил на состанокот го одбива и третиот предлог, и вели дека нема намера да прифати додека не се консултира со својот адвокат.
– Жртвата односно еден од сопствениците се консултира со неговиот адвокат и за ден, два, три повторно се среќава со лицето Васко Ковачевски, кој што тогаш е директор во рударски–енергетски комбинат Битола и тој му вели јас не можам тоа да го направам, дајте да видиме да се раскусуриме, да видиме што треба да се платиа пенали, да се повлечам од работата бидејќи не можам вака да ја завршам затоа што е противзаконско. Васко Ковачевски тогаш му вели ако не можеш да ѝ отстапиш на „СВ Инвест“ тогаш те молам да донесеш 250.000 евра мислам дека беше во кеш, што практично претставувало една четвртина од вкупниот износ на договорот – нагласи Мицкоски.
Мицкоски посочи дека тие пари требало да се префрлат на Вице и доколку не му верувал дека тоа е така, му го дал телефонот од Вице за да договорат средба во хотел „Вила Парк“ во Струмица. Во текот на емисијата Мицкоски посочи дека фирмата „СВ Инвест“ оди во стечај.
– Фирмата „СВ Инвест” оди во стечај. И тоа е поради сериозни суми неплатен данок, милионски суми на неплатен данок. Тоа е проверена работа и тоа не е прв случај. Ако го анализирате случајот на една пропадната банка и ако видите колку компании кои што гравитираат околу семејството Заеви, во Струмица немаат платено обврски кон таа банка или пак определени давачки кон државата ќе ви стане јасно се. Тоа е проверен модел за овие луѓе. Ова не е патентирано сега, само или како исклучок за компанијата „СВ Инвест“. Еве, погледнете го списокот на компании кои што да речеме не си ги исполниле обврските кон „Еуростандард банка“ која што сега е во стечај, а кои што се од Струмица. И некако јавноста знае дека тие се поврзани со семејството на власт – посочи Мицкоски.
Едноставно е, рече Мицкоски. Станува збор за криминал и пљачка.
– Овие три години од први јануари 2018-та до 31 декември 2020-та година бруто домашниот производ во Македонија пораснал за 700 милиони евра, јавниот долг пораснал за една милијарда и 700 милиони евра. Една милијарда фали, украдена е. Ја нема“- изјави Мицкоски.