И прележаните ќе се вакцинираат со две дози
Граѓанинот е потребно да е вакциниран и ревакциниран за да добие сертификат со генериран QR код, после што ќе може да го користи за патување, одговори министерот Филипче.
И прележаните ќе се вакцинираат со две дози од вакцините против ковид-19, одговори за Плусинфо министерот за здравство Венко Филипче.
– Нашата држава ги бележи за вакцинирани сите граѓани кои уредно ги примиле двете дози од било која вакцина. Граѓанинот е потребно да е вакциниран и ревакциниран за да добие сертификат со генериран QR код, после што ќе може да го користи за патување – одговори тој на прашањето каква стратегија ќе заземе Македонија во однос на вакцинирањето на оние кои прележале ковид-19.
Како што е познато, неодамна Хрватска соопшти дека со една доза ќе ги вакцинира оние кои го прележале коронавирусот.
– Сега веќе има доволно податоци кои кажуваат дека втората доза од вакцината не придонесува за нивото на антителата кај оние кои веќе ја прележале болеста – изјави директорот на Хрватскиот завод за јавно здравство Крунослав Цапак.
Тој појасни дека ова се однесува на лицата кои ја прележале болеста во претходните три до шест месеци.
– Засега сметаме дека една доза е доволна. Информациите брзо се менуваат. Можеби со тек на време ќе препорачаме да се вакцинираат со две дози, но во моментов, сметаме дека една е сосема доволна. Ако сте ја примиле првата доза пред да се разболите, втората доза треба да ја примите во рок од три до шест месеци – дополни хрватскиот епидемиолог Бернард Каиќ.
Професорот д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунобиологија и хумана генетика во февруари годинава во едно интервју рече дека се размислува за примање на една доза од вакцината за прележаните од ковид-19, по 3, 4 или 6 месеци од поминувањето на болеста.
Тој посочи дека луѓето кои веќе го прележале вирусот и имаат стекнато природен имунитет нема логика веднаш да се вакцинираат.
Професорот д-р Драган Даниловски преку својот профил на Фејсбук порача дека не постои причина лице кое прележало ковид да не се вакцинира, независно дали развило или не антитела.
„Во ниту една земја во светот во која се спроведува масовна вакцинација, на пример, Израел, САД, Обединетото Кралство и сите други, воопшто не се прашува дали некој прележал ковид и колку време поминало од прележувањето, а камоли да се прават серолошки тестови пред вакцинирањето!
Една најнова аргентинска студија покажала дека после давање на една доза на вакцина (Спутник V) кај прележани од ковид, се развил повисок титар на антитела, отколку кај оние што примиле две дози, а претходно немале ковид. Патем, ова е доказ дека не постои ризик по здравјето на прележаните лица ако се вакцинираат. Ова покажува дека кај прележаните била доволна само една доза за да развијат полн имунитет. Прележаноста на болеста играла улога на прва доза на вакцина. Ставот да се почека да поминат шест месеци се темели на фактот што бројот на вакцини кај нас е ограничен и фер е прележаните да се стрпат, додека да се вакцинираат оние без никаква заштита“, напиша Даниловски.