Кого ќе поддржи Заев за локалните избори во Тетово – Теута Арифи од ДУИ или Билал Касами од Беса?
Висок функционер од СДСМ за Плусинфо вели дека во зависност од понудените кандидати за градоначалници ќе се пресече дали поддршката ќе биде уште во првиот изборен круг.
Владините партнери Зоран Заев и Али Ахмети се очекува на претстојните локални избори во октомври за дел од општините повторно да излезат со заеднички кандидати за градоначалници.
Од партиите за Плусинфо велат дека официјален договор сѐ уште нема, но оти очекувано е владните партнери да се поддржат во трката за градоначалници и дека тоа е содржано и во последниот договор за владината коалиција.
СДСМ и ДУИ за првпат излегоа со заеднички кандидати на последните локални избори во 2017 година. На последните парламентарни избори, СДСМ го смени партнерот и одеше во коалиција со Беса, додека партијата на Ахмети истрча сама.
Меѓусебна поддршка за некои општини се очекува и со помалите владини партнери.
Висок функционер од СДСМ за Плусинфо вели дека во зависност од понудените кандидати за градоначалници ќе се пресече дали поддршката ќе биде уште во првиот изборен круг.
– На коалициско ниво ќе соработуваме, прашање е дали тоа ќе биде во првиот изборен круг или во вториот. Важно е да видиме кои кандидати ќе бидат понудени за градоначалници. Ако коалицискиот партнер понуди соодветен и квалитетен кандидат, тогаш зошто да не го поддржиме уште во првиот изборен круг, односно во некои општини тие да не излезат со свој кандидат, а во други ние да не одиме со кандидат – вели функционерот.
Дали СДСМ за дел од општините ќе оди заедно со ДУИ ќе зависи и од внатрепартиските состојби, особено по најавата дека видни поранешни функционери од Охрид за локалните подготвуваат независна советничка листа.
Од партијата велат дека ќе направат напор тие да се вратат во сдсмовското јато за да не се дозволи дел гласови од незадоволни социјалдемократи да се слеат на туѓо конто. Ќе понудат концепт и ќе се обидат да ги спречат раслојувањата.
Втор момент е дали се само шпекулации или експретседателот на СДСМ Бранко Црвенковски пред изборите ќе формира своја партија. Заев денеска ја отфрли таа можност со констатацијата дека Црвенковски не може да биде ништо друго освен СДСМ. Но, Црвенковски досега не се изјаснил дали планира да формира партија.
Според информации од партијата на Ахмети, ДУИ е поубедена дека на локалните избори повторно за дел општини ќе оди со заеднички кандидати со СДСМ. Ова го реферираат како веќе постигнат договор за меѓусебна поддршка при формирањето на владата. Доколку падне договор за заеднички настап тоа ќе значи дека СДСМ ќе ја поддржи ДУИ во Тетово, Гостивар, Кичево, Чаир… ДУИ, пак, нема да оди со свои кандидати во Скопје, Куманово, Гази Баба…
Впечатливо е дека првичната партиска анкета покажала дека актуелните градоначалници во поголемите општини ја имаат довербата за нов мандат. Ако нема пресврт или промена на расположението кај членството на интегративците нема да биде изненадување потпретседателката на ДУИ, Теута Арифи, да оди на трет мандат за Тетово, потпретседателот Невзат Бејта да типува за трет мандат во Гостивар, Фатмир Дехари за трет мандат во Кичево, како и повторен мандат за Блерим Беџети за Сарај. Спорни се кандидатурите на актуелниот струшки градоначалник Рамиз Мерко и на чаирскиот Висар Ганиу.
Но, ако Заев реши во дел од општините да оди со заеднички кандидат со владините партнери, интересно ќе биде да реши со кои од партнерите ќе направи договор. Таков е случајот со Тетово. Ако ДУИ се надева на поддршка за Теута Арифи, на таква поддршка за Тетово се надева и Беса за каде неофицијално ќе се кандидира лидерот Билал Касами.
Во таков случај кого би поддржал Заев – потпретседателката на ДУИ уште во првиот изборен круг или лидерот на Беса, кој очекува поддршка во вториот изборен круг?
Од Беса велат дека очекуваат да продолжи соработката од последните парламентарни избори кога заеднички настапија со СДСМ.
ДПА на Мендух Тачи, пак, досега сама одеше на избори. Партијата неодамна го промовира поранешниот градоначалник Сади Беџети за кандидат за Тетово за локалните избори. Од партијата велат дека по празникот Рамазан ќе биде појасно дали и на претстојните локални избори сами ќе одат во изборната трка.
Опозицициските Алијанса за Албанците и Алтернатива, пак, ги предизвикаа партиите на Албанците на власт за локалните избори да излезат во два блока за да си ги измерат силите. Од една страна Алијанса и Алтернатива и од друга страна ДУИ, Беса и ДПА.