АНАЛИЗА: Администрација – каде работат докторите на науки, основците доминираат во јавните претпријатија!

1,059

46,1 отсто од етничките Македонци вработени во јавниот сектор се со високо образование, кај Албаниците овој процент е поголем и изнесува 54,7 отсто , додека со високо образование се 40,7 отсто од  Бошњаците. Во Судски совет, Уставен суд, Совет на Јавни обвинители и Јавно обвинителство, докторите на науки се застапени со 0 отсто, пишува „Порталб“. Според степенот на образование – распоредот на „силите“ на вработените во администрација е различен.

Скоро половина од вработените во јавниот сектор се со високо образвание, а веднаш зад нив се оние со средно. Конкретно од вкупниот број на вработени 52.891 се со факултет, а 38.493 се со средно образование. Во јавниот сектор само 2,4 отсто се доктори на науки, додека 8,3 отсто се со основно образование.  






„Најнизок степен на образование за кој е предвидено работно место во јавниот сектор е основното образование – за определени работни места во јавните претпријатија, додека за најголемиот број на работни места е предвидено средно или високо образование“,  се наведува во Извештајот на МИОА.

Образовна структура во Јавен сектор

Доктори на науки                                 2,38 отсто

Магистри                                                 3,84 отсто

Високо образование                            47,40 отсто

Вишо образование                                3,15 отсто

Пост-средно образование                   0,48 отсто

Средно образование                            34,50 отсто

Основно образование                            8,26 отсто

Ако се навлезе подлабоко во анализата за степенот на образование на вработените во институциите, забележително е дека Секретаријатот на Владата е институција со најголем број на високообразован кадар – 80 отсто од вработените, зад него е Владата каде 67,5 отсто од вработените се со високо образование, а повеќе од 60 отсто од вработените се со високо образование во министерствата, народен правобранител, органи во состав на министерство, претседател на држава и Судски совет.

Од друга страна вработени со средно образование доминираат во Јавните претпријатија 57,1 отсто, Јавно обвинителство 51,3 отсто, Служба во Владата 70,8 отсто, Суд 57,9 отсто.

Докторите на науки се концентрирани во неколку институции како што се Јавни установи, Народна банка, Претседател на држава.

Доктори на науки

Јавна установа                        3,8 отсто

Претседател на РСМ             3,5 отсто

Народна банка                       2,8 отсто

Секретаријат на Влада         2,7 отсто

Во Судски совет, Уставен суд, Совет на Јавни обвинители и Јавно обвинителство, докторите на науки се застапени со 0 отсто.  Од друга страна, „основците“ ги нема во Влада, Претседател на држава и во Уставен суд, но затоа доминираат во Јавните претпријатија со 25,1 отсто.

„Имајќи ја во предвид самата структура на јавниот сектор и институциите кои се опфатени со истиот, како и видот на работните места кои се нудат, може да се изведе заклучок дека во јавниот сектор постои огромна разлика во однос на степенот на образование кој е потребен за да може да се пополни работно место во овие институции“, се наведува во Извештај од Регистарот на вработени во јавниот сектор за 2020 та.

Образовната структура на вработените во јавниот сектор кои припаѓаат на различните заедници е различна – со високо образование се 46,1 отсто од Македонците, 54,7 отсто од  етничките Албанци, 40,7 отсто од Бошњаците, 52 отсто од Власите. Скоро 60 отсто од етничките Роми вработени во јавниот сектор се со основно образование, 28,1 отсто се со средно образование, а 10,8 отсто од вработените Роми се со високо образование. Од друга страна, доктори на науки има најмногу од Влашката етничка заедница, скоро 4 отсто, следуваат Македонците со 2,74 отсто, а по нив се докторите на науки од Српската етничка заедница со застапеност од 2,24 отсто. 

Различна е застапеноста на вработените од различни етнички заедници и на локално ниво. Етничките Македонци со повеќе од 90 отсто се застапени во општините Аеродром, Битола, Берово, Гази Баба, Виница, Гевгелија, Градско, Дојран, Кратово и други. Етничките Албанци со 100 отсто застапеност се во Арачиново, Боговиње, Липково, додека со над 80 отсто се застапени во Теарце, Сарај, Желино, Дебар, Врапчиште. Етничките Роми се најзастапени во општините Берово и Битола со скоро 2 отсто, во Кочани, Бутел и во Дебар со  речиси 3 отсто, во Штип со 3,4 отсто, а најмногу во општина Шуто Оризари со 35,3 отсто. Етнички Турци со 16  отсто се најзастапени во општина Долнени, 11,1 отсто во Конче, Маврово и Ростуше, а со скоро 90 отсто во Центар Жупа и со 23 отсто во општина Студеничани. Етничките Срби со 21,2 отстосе најзастапени во општина Старо Нагоричане.

 

Поврзани содржини