Мицкоски: Да бевме власт ќе донесевме вакцини и ќе спасевме многу животи

Гарантирам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт сега, граѓаните ќе имаа вакцини и македонскиот народ ќе беше во најголем дел веќе вакциниран - вели Мицкоски.

281

Во вечерашното издание на дебатната емисија на ТВ Клан гостуваше претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој зборуваше за политичката ситуација во државата, нестабилното парламентарно мнозинство, криминалните афери на власта, како и за ненабавката на вакцини против ковид-19.

Мицкоски истакна дека СДСМ и Владата покажале незаинтересираност и желба да набават вакцини уште на почетокот, односно тогаш кога најголем дел од земјите набавија вакцини и отпочнаа со вакцинација.






Тој додава дека е несериозно власта да вели дека се е под контрола и дека државата одлично се справува со пандемијата, а фактите да говорат дека државата нема ниту вакцини, ниту пак доволно лекови за лечење на пациентите болни од коронавирусот.

– Доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт, вакцини во државата ќе имаше со сигурност, бидејќи како одговорна и сериозна политичка партија, прва и основна задача во ваква ситуација ќе беше да се изнајдат вакцини и да се отпочне процес на вакцинација. Недозволиво ќе беше ВМРО-ДПМНЕ да се занимава со апсолутно неважни работи, додека граѓаните чекаат вакцини и молат за спас на нивното здравје. Така што, гарантирам дека доколку ВМРО-ДПМНЕ беше власт сега, граѓаните ќе имаа вакцини и македонскиот народ ќе беше во најголем дел веќе вакциниран – вели Мицкоски.

Мицкоски додаде дека власта треба да се заслужи, односно да се докаже зошто граѓаните ја дале довербата за таа политичка партија.

– СДСМ тоа ниту го покажа, ниту го докажа, напротив демонстрираше неспособност и негрижа за сопствените граѓани, која за жал резултираше и со стотици загубени животи на наши сограѓани. Тоа не смее да продолжи да се случува, бидејќи граѓаните тоа не го заслужуваат – заврши Мицкоски.

Поврзани содржини