Објектот Исхлане во Битола ставен во привремена заштита

Улогата на Исхлането била да ги вдоми напуштените деца, сирачињата, децата кои подавале рака за корка леб, односно да им даде занает.

378

Објектот Исхлане, некогашното занаетчиско училиште во Битола стана дел од списокот на објекти под привремена заштита, изјави денеска министерката за култура Ирена Стефоска при посетата на Битола.

Режимот на заштита на битолското Исхлане ќе зависи од ревалоризацијата на објектот која е во тек.






– Битолското и солунското Исхлане се последните два сочувани објекти на Балканот од изградените седум, подигнати во 19 век во османлискиот период. Нивната улога била да ги вдомат напуштените деца, сирачињата, децата кои подавале рака за корка леб, односно да им дадат занает. Многу деца израснале во почитувани луѓе. Но, за жал, војните, времето и негрижата се отсликаа во овој објект Исхлане, кој во буквален превод од турски на македонски јазик значи „Добро место“ и затоа такво мора да остане – порача министерката Стефоска.

На Светскиот ден на споменици и локалитети, министерката за култура потсети дека културното наследство е местото каде што се сретнуваат минатото и иднината, а неговата заштита е во сегашноста.

– За Владата и за Министерството за култура, заштитата на културното наследство е аманет и мисија за грижа на културните идентитети на сите граѓани на нашата културна меморија. Ние правиме сериозни чекори за остварување на оваа цел, отвораме посебна неменска програма за културно наследство во опасност преку која ќе можеме брзо да дејствуваме во спасувањето на нашите културни добра како што се црквата Свети Ѓорги во Курбиново, црквата Успение на Пресвета Богородица во Матејче, скопскиот аквадукт, Сарајот на Ахмед Нијази Бег во Ресен, Јени џамија во Битола, а издвоивме средства за изработка на елаборат за ревалоризација на црквата Света Софија во Охрид и изработка на проект за конзервација на нејзиниот величествен фрескоживопис – нагласи Стефоска.

На прес-конференција во Битола, пред некогашното Исхлане, министерката за култура Ирена Стефоска порача дека таму каде што пишува „објектот се продава“, треба да се допише „објектот е заштитен“.

Според податоци на Министерството за култура и зачувани фотографии, Исхлането во Битола почнало со работа на 6 октомври 1902 година, во присуство на многу гости, муслимански и православни великодостојници и битолскиот валија Едип паша.

Архитектонски, овој монументален објект е во неокласичен и неоренесансен стил, главно идентичен на многу јавни институции од времето на султан Абдулхамид, со големо влијание на тогашната париска школа.

Исхлането во Битола функционирало до 1912 година.

 

Поврзани содржини