Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска заедно со секретарот за меѓународна соработка и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Владимир Ѓорчев и секретарот за меѓународна соработка и пратеник Тимчо Муцунски остварија средба со директорот на фондацијата „Конрад Аденауер“ за Македонија, Даниел Браун.
На средбата, како што се наведува во партиското соопштение, се разговарало за актуелната политичка и економска состојба, каде што од страна на Мицкоски било посочено дека секојдневните скандали и афери од власта негативно влијаат на имиџот на државата, како и дека поради лошото менаџирање со економската и здравствена криза, се поголем број на граѓани ги губат своите работни места, а власта во недостиг на проекти и идеи ја носи државата кон економска пропаст.
– Немањето капацитет на власта да се справи со економската и здравствена криза, да набави вакцини за имунизација на населението ја носат земјата во економски пропаст, а граѓаните живеат се посиромашно. Од друга страна пак имаме секојдневни скандали и афери поврзани со актуелни функционери од власта кои негативно влијаат на меѓународниот имиџ на Република Македонија – рекол Мицкоски.
Тој изразил загриженост поради информациите дека земјава може да го изгуби безвизниот режим поради аферата „Мафија“.
– Ова практично ќе значи само уназадување на државата, а граѓаните нема да можат слободно да патуваат во земјите од ЕУ, со што наместо да се стремиме кон ЕУ, владата на СДСМ и Зоран Заев не враќа десетина чекори наназад. Дополнително немањето одговорност од страна на владините функционери само потврдува дека власта е во спрега со криминалот – нагласил Мицкоски.
Соговорниците ја потврдиле соработката меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Фондацијата Конрад Аденауер и се согласиле дека таа ќе продолжи со засилен интензитет во насока на понатамошно јакнење на капацитетите на партијата.
Мицкоски го информирал Браун дека полноправното членство на земјата во Европската Унија и понатаму претставува стратешка цел за ВМРО-ДПМНЕ, укажувајќи дека од големо значење е силната поддршка од КАС и ЦДУ за Македонија за процесот на приближување кон полноправно членство во Европската Унија.