Одбраната на Камчев: Судиите да одлучуваат совесно, срамота е човек да биде притворен врз основа на усна белешка од доушник!

Време е во оваа држава да завршат изживувања врз лица, загрозување на нивно здравје, загрозување на сериозни бизниси и работни места на луѓе, преку местенки и злоупотреба на тајните служби, порача адвокатот Менкиноски.

658

Одбраната на бизнисменот Јордан Камчев поднесе Претставка за несовесно и нестручно работење на судијата на претходна постапка, кој ја изрече мерката притвор без да ѝ презентира докази, соопшти денеска адвокатот на Камчев во случајот „Плацеви на Водно“, Тони Менкиноски на прес конференција.

Одбраната на Камчев денеска ќе поведе и постапка за утврдување на незаконитоста на доказите со кои му беше одредена мерката притвор од 30 дена. Таа постапка е во согласност со членот 12 и членот 93 од Законот за кривична постапка, а целта е остварување на уставно загарантираните права и гаранции на Камчев на „слобода и безбедност“, „право на ефикасна и делотворна одбрана“ и на неговото право на „правично судење пред непристрасен трибуна“. Тоа значи дека сите докази прибавени на незаконит начин или со кршење на слободите и правата, како и доказите произлезени од нив, не можат да се користат и врз нив не може да се заснова судската одлука.






– Сакам да потенцирам дека доказот Информација од Агенцијата за национална безбедност (АНБ) на РСМ СД бр. 02-545/1 од 14 март 2021 година, кој е доставен и предложен како доказ кон Предлогот за изрекување на мерката притвор и врз основа на кој се темели Решението за определување на мерка притвор КОК ПП 43/21 од 14 март 2021 година, никогаш не е доставен до одбраната и е единствениот доказ врз кој се темелел Предлогот од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е незаконит – рече адвокатот Тони Менкиноски.

Тој образложи дека Агенцијата за национална безбедност постапила надвор од своите законски овластувања предвидени во Законот за агенција за национална безбедност, во кои спаѓаат шпионажа, тероризам и негово финансирање, насилен екстремизам и други активности поврзани со безбедносни закани и ризици за националната безбедност на државата.

– Оттука останува нејасно како г-дин Камчев ја загрозува националната безбедност на државата и претставува закана за националната безбедност на државата за да биде следен од 12 февруари 14 февруари 2021 години, како и да биде изготвена службена белешка со таа содржина – праша Менкиноски.

Тој рече дека ако Агенцијата за национална безбедност имала какви било индиции за наводно бегство на г-динот Камчев, согласно со закон, била должна да го извести Бирото за јавна безбедност како орган во состав на Министерството за внатрешни работи кој врши полициски работи во Министерството чија надлежност е концептуалното планирање, следење и анализирање на безбедносната состојба и причините за појава на криминалитет и загрозување на јавната безбедност, а Бирото доколку сметало за тоа требало да го извести Јавниот обвинител.

– АНБ нема добиено судска наредба за спроведување на мерки за тајно собирање на податоци и информации од страна на Судот, односно од страна на Врховниот суд на РС  Македонија согласно член 32 вв со член 34, 35 и 36 од Законот за Агенција за национална безбедност. Дека се работи за скандалозно изрекување на најстрога мерка за обезбедување – мерка притвор, изречена врз усна белешка на доушник, и не презентирање на докази на нас како одбрана, потврдува и премиерот на РСМ кој како носител на извршната власт имал ингеренции и можел да има увид во извештајот на АНБ. Тој изјави дека осомничениот г-дин Камчев не планирал бегство со бугарски агенти. Имено цитирам:„Не се работи за следење, кажувам дека не е следен, тоа агенти, Бугарија, не е точно, нема таму таква работа. Има неколку причини, кои што тие, се побудил кај нив инстинктот да напишат и да пријават (АНБ), понатаму тоа го цени јавен обвинител“.

Истовремено повторувам, во Решението за изрекување мерка притвор на мојот клиент, а истото ни беше соопштено и усно од страна на Судијата на претходна постапка, стои јасно запишано дека мерката притвор ја изрекуваат поради соработка со бугарски агенти и план за бегство. Притоа, без презентирање на докази, и прецизно објаснување на причините поради кои е лишен од слобода. Ова претставува флагрантно кршење и непочитување на Европската конвенција за човекови права и Меѓународниот пакт за политички и човекови права, кои недвосмислено предвидуваат дека при лишување од слобода на лицето мора прецизно да му се презентирани доказите поради кои се лишува од слобода – нагласи Менкиноски.

Поради ова одбраната до Републичкиот судски совет поднесе Претставка за несовесно и нестручно работење на судијата на претходна постапка, кој ја изрече мерката притвор без да презентира докази.

– Неспорно во наведениов случај постои пречекорување на законските ограничувања и овластувања при постапувањето на АНБ во постапка СД бр.02-545/1 од аспект на пречекорување на овластувањата, преземање неовластена постапка, злоупотреба и други неправилности во работењето, непостапување врз основа на наредби од Суд за спроведување мерки за тајно собирање податоци и информации, како и по наредби од Суд за спроведување мерки за следење на комуникации, а воедно начинот на собирање на безбедносните податоци и информации во врска со горенаведената постапка незаконски спроведена спротивно на нивните права утврдени со закон. Во овој поглед најпрво сакаме да нагласиме дека, оваа своја информација Агенцијата за национална безбедност ја изготвила надвор од сите свои овластувања утврдени во Законот за АНБ и со истата му ги ограничила основните слободи и права на г-дин Камчев – рече адвокатот и притоа апелираше до институциите да работат совесно, штитејќи го својот професионален интегритет.

– Време е во оваа држава да завршат изживувања врз лица, загрозување на нивно здравје, загрозување на сериозни бизниси и работни места на луѓе, преку местенки и злоупотреба на тајните служби – порача адвокатот Менкиноски.

Поврзани содржини