Груби, Царовска и Маричиќ тврдат дека не примиле ВИП вакцина

Најостро демантираме, не постои никакво вакцинирање министри. Ги повикуваме пратеникот и порталите кои ја шират оваа тешка дезинформација да се откажат од манипулациите со населението во овие моменти на тешка здравствена состојба во државата, соопшти Владата.

687

Целосна невистина и лажна вест е информацијата дека сум се вакцинирал против ковид-19, реагираше министерот за правда Бојан Маричиќ откако во јавноста утрово беше пласирана информација дека тој, заедно со министерката за образование Мила Царовска и вицепремиерот Артан Груби, наводно обезбедиле ВИП вакцинација преку ред.

Ваквата вест осамна на албанскиот портал „Њуз1“, а оттаму беше преземена и од повеќе македонски портали. На социјалните мрежи оваа информација ја објави и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.






„Категорично демантирам дека јас или било кој член од моето семејство има примено вакцина. Дополнителна потврда дека се работи за целосна измислица е фактот дека информацијата ја сподели Антонио Милошоски, кој во македонското општество е познат како генератор и ревносен ширач на лажни вести, човекот кој е ретко успешен колекционер на деманти. Не би ме изненадило Милошоски и да е ‘бриферот‘ дека наводно јас и членови на Владата сме се вакцинирале преку ред. Ваквите удари секако нема да ме поколебаат од намерата правдата целосно да завладее во нашата земја, а сите оние кои го прекршиле законот да одговараат. Комплетно е јасно дека целта на ваквите дезинформации е само да ми се наруши честа и угледот“, напиша Маричиќ на Фејсбук.

И вицепремиерот Артан Груби за Плусинфо потврди дека станува збор за лажна вест и дека тој нема примено вакцина против ковид-19, додека, пак, министерката за образование Мила Царовска преку својот Фејсбук профил побара од пратеникот Антонио Милошоски да се извини за објавувањето неточни информации.

„Пратеникот Антонио Милошоски, кој се етаблираше како главен извор на лажни вести, повторно споделува лаги. Во целост ги демантирам имформациите дека сум се вакцинирала, не ми паѓа на памет да ја злоупотребам позицијата. Барам Милошоски итно да се извини за лагата, освен манипулации, друго од опозицијата не може да се очекува“, пишува Царовска.

Официјален демант пристигна и од Владата.

„Најостро демантираме, не постои никакво вакцинирање министри. Ги повикуваме пратеникот и порталите кои ја шират оваа тешка дезинформација да се откажат од манипулациите со населението во овие моменти на тешка здравствена состојба во државата“, соопшти Владата.

Поврзани содржини