Министерство за здравство: На шест огласи за матичен во Шуто Оризари, не се јави нуту еден лекар

Доколку и на овој седми оглас по ред, не се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор, туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, информира Министерството за здравство.

346

Министерството за здравство информира дека за Поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години почнувајќи од 2015 па се до 2020 година, има распишано шест огласи за издавање на ординации по општа медицина за матичен лекар. На ниту еден оглас досега се нема пријавено лекар за работа.

Во моментов во тек е седми оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април.






„Инаку, Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом Шуто Оризари има четири приватни здравствени установи и тоа ординации по општа медицина, кои во моментов се слободни поради пензионирање на матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред, не се пријават невработените матични лекари, Здравствен Дом Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор, туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот, се со цел да се јават лекари кои би работеле во овие ординации за да може да се пружи адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина“, информира Министерството за здравство.

Во моментов во Поликлиниката Шуто Оризари има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници  и шест дел од техничката служба.

Во склоп на Поликлиниката функционираат и ординација за превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца, каде се врши  редовна имунизација согласно  календарот за вакцинација , потоа систематски  прегледи , здравствено  советување според возраста на децата, се издаваат медицински потврди за упис  во училиште , а работи и детска превентивна стоматологија.

Во лабораторијата која е дел од Поликлиниката, во периодот на пандемијата со коронавирусот е отворен пункт за тестирање на ковид пациенти и дневно се прават и по 40 тестирања.

 

Во Поликлиниката работи и ноќна  дежурна служба секој ден од 19,30  до 7,30 наредниот ден, a во неделите до 24 часот. Саботните дежурства ги држат лекари концесионери од приватните здравствени установи од тој  реон . Во Поликлиниката  Шуто Оризари  работат и приватни здравствени  ординации, концесионери кои имаат  25.000 илјади пациенти .

Своја канцеларија во склоп на Поликлиниката  има и невладината организација  ХЕРА,  која обезбедува советување за млади и еднаш неделно е организирана посета  од гинеколог  и дерматовенеролог. Канцеларија има и невладината  организација „Деца од улица“. Во оваа здравствена установа  работи и дежурна аптека.

На годишно ниво во Поликлиника Шуто Оризари  се реализираат  околу 3.0000 прегледи. Во 2017 година  беше отворена и  ординацијата по гинекологија, но истата после година и половина беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом Скопје. Бо моментов, Министерството за здравство опремува нова гинеколошка ординација, која наскоро ќе почне со работа.

„Исто така за потребите на Поликлиника Шуто Оризари, ЈЗУ Здравствен дом на Скопје со финансиски средстсва донирани од Амбасадата на Република Кина, спроведе две постапки за јавна набавка преку ЕСЈН, кои завршија со склучување на неколку договори кои се во фаза на изведба. Се работи за реконструкција на покривот на поликлиниката, како  и за договор за набавка на медицински мебел и опрема за РТГ кабинет. Со опремување на кабинетот за рентген пациентите нема да се испраќаат непотребно за снимање на терциерно ниво. Во јануари  добиена е и донацијата од амбасадата на Сојузна Република Германија во вредност од еден милион денари за набавка на ЛЗО која тековно ќе се доставува согласно потребите“, вели МЗ.

Здравствен Дом Скопје во сите свои служби во актуелната состојба во која се наоѓаме, се додава во соопштението, тековно се доекипира  и мобилизира согласно потребите во услови  на пандемија. Министерството за здравство секогаш  максимално  се залагало и ќе продолжи да се залага за тоа секој пациент во оваа општина  да ја добие потребната  здравствена услуга.

Поврзани содржини