НОВО ГЛАСАЊЕ ВО ГЕРМАНИЈА, ЦДУ НА МЕРЦ Е ВО БОРБА ЗА ОПСТАНОК Висока предност на АФД пред следните покраински избори
Кандидатот Даниел Петерс изјави дека неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) е во сериозна ситуација, а најновата анкета покажува дека партијата би можела целосно да испадне од покраинскиот парламент во Мекленбург-Западна Померанија по изборите на 20 септември.
Конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц се соочуваат со „борба за опстанок“, изјави денеска водечкиот кандидат на ЦДУ во Мекленбург-Западна Померанија, на неколку дена пред изборите во оваа североисточна германска покраина.
Даниел Петерс изјави дека неговата Христијанско-демократска унија (ЦДУ) е во „сериозна ситуација“, а најновата анкета покажува дека партијата би можела целосно да испадне од покраинскиот парламент на изборите на 20 септември.
Анкета што беше објавена денеска, а беше нарачана од германскиот јавен радиодифузер Зе-де-еф покажа дека ЦДУ има само 7 отсто доверба, што би бил најлошиот изборен резултат на оваа партија во повоена Германија и е едвај над прагот од потребните 5 отсто за освојување места во покраинскиот парламент.
Десничарската Алтернатива за Германија (АфД) е далеку пред сите партии со 37 отсто доверба кај избирачите, само неколку дена по убедливата победа во блиската Саксонија-Анхалт, а Социјалдемократите (СПД) се втори со 34 отсто доверба под водство на актуелната покраинска премиерка, Мануела Швесиг.
Петерс во едно интервју повторно се обиде да се дистанцира од својот партиски лидер и колега Мерц, чиј рејтинг драстично опадна во последните месеци. Петерс потврди дека Мерц веќе нема да има предизборни настани во оваа покраина пред гласањето.
Канцеларот имаше само едно јавно појавување во Мекленбург-Западна Померанија, и тоа минатата недела во Килунгсборн, каде што беше исвиркан и исмејуван.
– Во моментов, луѓето овде се многу разочарани од националната политика, а ние страдаме како резултат на тоа – рече Петерс.
Изборите во Мекленбург-Западна Померанија се одржуваат на истиот ден со гласањето во покраината Берлин, каде што ЦДУ се бори да ја задржи градоначалничката функција во услови на тројна битка со АфД и Левица.