Кухар сведочеше против Боки-13: Продадов три стана, му дадов 250.000 евра
Едниот стан го продадов во Скопје, 100.000 евра, другиот исто во Скопје, 50.000 евра и третиот во Словенија, го продадов 100.000 евра, кој беше на малолетниот син. Од тие пари ми врати 80.000 евра. Парите ги дадов на доверба. Многу им верував на луѓето со кои зборував за инвестиција во Австрија, рече сведокот Кухар.
Дипломираниот инженер Јованка Стојановска – Кухар на првообвинетиот Бојан Јовановски во случајот „Меѓународен сојуз“ му дала околу 250.000 евра со цел на инвестиција. Сведокот Кухар на денешното рочиште против обвинетиот Јовановски кажа дека наведената сума ја собрала од продавање на три стана од кои еден во Словенија.
– Едниот стан го продадов во Скопје за 100.000 евра, другиот исто во Скопје за 50.000 евра и третиот во Словенија, кој беше на малолетниот син, го продадов за 100.000 евра. Од тие пари ми врати 80.000 евра. Парите ги дадов на доверба. Многу им верував на луѓето со кои зборував за инвестиција во Австрија – рече Кухар.
Пред обвинетиот Јовановски да стане претседател на невладината ,,Меѓународен сојуз“, тој на оштетената Кухар ѝ понудил да работи во оваа организација. Таа зборуваше и за свечениот настан во Музејот на современа уметност, каде кажа дека учествувале угледни луѓе и дека немала сомнение дека може да се работи за измама.
– Јас и Агапи Дика бевме измамени, изманипулирани и повикани само кога треба да се потпише нешто. Се потпишаа работи за кои не знаевме. Кога новинарите почнаа да објавуваат документи, разбрав дека сум била проект менаџер. Со Силјан Мицевски и „Дрим билдинг“ од Струга ги потпишавме – рече Кухар.
Во Кривичниот суд Скопје таа додаде дека најголемото разочарување го имала кога Бојан Јовановски, бил притворен, односно била загрижена за потписите врз договорите, кои не ги потпишале сите страни.