Русковска: Полицискиот службеник за прифат направи лапсус, ги измеша законите при приведувањето на Камчев
Обвинителка за гонење организиран криминал смета дека мешањето на законите при приведувањето нема да влијае на предметот.
Грешка е тоа што при приведувањето на бизнисменот Орце Камчев полицискиот службеник ги измешал законите, а тоа нема да има влијание на предметот, вели Вилма Русковска обвинителка за гонење организиран криминал.
– Се гледа дека е лапсус, грешка, тоа се однесува на членовите за приведување и задржување на лица. Тоа не може да биде проблем. Но за тоа ќе оцени судот – изјави Рускоска за Канал 77.
Рускоска рече дека при постапувањето се измешани Кривичниот законик (КЗ) и Законот за кривична постапка (ЗКП).
– Агенцијата за национална безбедност (АНБ) колку што ми е мене познато, доставила известување до полиција и полицијата постапувала согласно известувањето од агенцијата затоа што припадниците на АНБ немаат полициски овластувања. Толку ми е мене познато, а полицискиот службеник за прифат, така се вика според законот, ги измешал законите, наместо ЗКП напишал КЗ – рече Русковска.
Камчев беше приведен на 12 март во рамки на истрагата за предметот „Плацови на Водно“ каде е еден од осомничените. Тогаш неговата одбрана реагираше дека тој бил лишен од слобода за една работа (изборна измама), а дека потоа му е одреден притвор за нешто друго (опасност од бегство).
Рисковска оцени дека не е спорно тоа што обвинителката Лиле Стефанова, која е обвинителка во ОЈО Радовиш, постапува во предметот бидејќи има овластување од републичкиот обвинител Љубомир Јовески.