Сакам да ги уверам граѓаните дека буквално секоја вакцина која што е сега присутна или допрва ќе влегува во нашата земја ќе биде безбедна за користење, порача денеска министерот за здарвство Венко Филипче.
Тој појасни дека тоа што се создаде сомнеж за несакани ефекти од вакцината на „Астра Зенека“ дефинитивно го демантираше European Medicines Agency (EMA).
– Сите европски земји кои привремено ја запреа вакцинацијата ќе ја продолжат со вакцината на „Астра Зенека“. Сите вакцини се безбедни и корисни и служат за вистинската цел за која што треба, а тоа е да спречат несакан смртен случај од болеста или тешка форма на болеста – нагласи Филипче.
Одговарајќи на новинарско прашање дали масовната имунизација во земјава ќе почне со вакцината на „Астра Зенека“, Филипче рече дека сега навистина не може да каже.
– Имаме некои најави за тоа кога треба да стигнат вакцините на „Астра Зенека“. Тоа што сигурно го знаеме е дека дефинитивно прва вакцина која што ќе стигне преку ковакс-механизмот е на „Астра Зенека“, доколку не стигнат кинеските вакцини претходно – изјави Филипче.
Прашан дали како министер за здравство заедно со некои други политичари ќе се вакцинира со вакцината на „Астра Зенека“ за да ги увери граѓаните дека е безбедна, Филипче рече „дефинитивно да“.
– Имајќи предвид дека скепсата е најголема во однос на таа вакцина, да, дефинитивно ќе се вакцинирам – изјави Филипче.