ШОКАНТНИ НАВОДИ НА ОДБРАНАТА НА КАМЧЕВ Службената белешка на тајната полиција била само прочитана пред судот, не бил дозволен ни увид во документот!
Доколку постоела дојава за наводно бегство, на кое им претстоеле некакви средби, каде се доказите за тие средби? Со кого и каде биле тие средби и дали постои барем еден материјален доказ кој може да ја потврди содржината на тие средби, доколку се тврди дека се случиле? – прашува одбрана на Камчев.
Орце Камчев останува во 30-дневен притвор. Кривичниот суд попладнево експресно му ја одби жалбата. Одлуката за притворот се темели на службена белешка на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), во која наводно се тврди дека Камчев, осомничен за случајот „Плацеви на Водно“, се подготвувал да избега во Бугарија.
Службената белешка засега останува тајна, не само за медиумите, кои упорно бараат АНБ да ја обелодени, туку и за одбраната на Камчев. Во меѓувреме, за случајот со приведувањето на Камчев и одредувањето на мерка притвор, за чија издржаност и легитимност се заинтересираа и голем број правници и експерти во земјата, стана општ интерес за јавноста. Во многу медиуми се коментира не само неочекуваната одлука за притвор, туку и можниот бекграунд на овој контроверзен потег.
Одбраната на Камчев категорична: Лиле Стефанова е ненадлежен обвинител!
Одбраната на Камчев смета дека одлуката е донесена со правно неиздржани чекори, со непочитување на основните закони во правото, со кршење на одредбите во кривичната постапка од страната на највисоките надлежни институции, како и со прекршување на основните човекови права.
Пред сѐ, овој случај го води Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а обвинител кој постапува по предметот е Лиле Стефанова, која не е дел од тоа Обвинителство, односно, по престанокот на нејзиниот мандат како обвинител во тоа Обвинителство, продолжила со работа во Основното јавно обвинителство во Радовиш. Тоа значи дека Лиле Стефанова, како обвинител, нема стварна ниту местна надлежност да постапува по предмети кои се во исклучива надлежност на Основното Јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, согласно Законот за Јавно обвинителство. Директно се поставува прашањето на кој основ таа постапува по овој предмет и зошто истата, од почетокот, па се до овој момент, се нема легитимирано пред судот и пред странките, иако тоа беше директно побарано и од одбраната на Камчев.

Нејзиното постапување по овој случај директно го загрозува правниот поредок во земјата на груб и целосно тенденциозен начин, имајќи го предвид фактот дека во случајот „Империја“ Стефанова е директно компромитиран обвинител и Камчев веќе има поднесено кривична пријава до ОЈОГОКК за нејзино незаконско постапување во истиот предмет. Со оглед на тоа, Стефанова, во ситуација кога е и повеќе од нелегално и повеќе од очигледно дека постои конфликт на интереси, врши свесно непочитување на основните начела на непристрасност и на објективно водење на кривична постапка, а некој тоа директно го дозволува и го одобрува.
Осомничениот уредно се јавува на сите покани, дава искази во истрагата и веќе е под мерки на обезбедување за „Империја“
„Плацевите на Водно“, како што ѝ е познато и на јавноста, е случај отворен уште во месец октомври 2020 година, а е преземен како дел од случајот „Империја“. Јордан Камчев како осомничен во тој случај, оттогаш постојано е достапен на органите на прогонот и во овој случај повеќе пати е повикуван и секогаш уредно се јавувал пред ЈО на секоја покана. Доказ за неговата достапност и волјата да се вклучи и да ја помогне истрагата е што тој самиот во неколку наврати има побарано од „надлежниот“ обвинител Лиле Стефанова да даде исказ и има побарано и инсистирано да добие термини за распит и за сослушување. Инволвираноста на осомничениот од отворањето на случајот досега е константна и во насока на донесување правно издржана одлука и докажување на неговата невиност. Доказ за неговата соработка со Јавниот обвинител е фактот дека Камчев, по дадениот исказ на 4 февруари, предјавува докази во поткрепа на својата одбрана и истите, со поднесок од 9 март 2021 година, преку поломошник, ги доставува до Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.
Згора на тоа, Камчев во случајот „Империја“ веќе е обезбеден со мерки за претпазливост, одземени му се двете патни исправи кои ги поседува и гарантира со капитал. Тоа дополнително ја потврдува небулозата на донесената одлука за одредување мерка притвор, базирана единствено на службена белешка добиена од АНБ, аргументира одбраната.
Судот на одбраната не ѝ дозволил увид во документот на АНБ, врз кој се темели одлуката за притвор!
Што се однесува до службената белешка на АНБ, одбраната на Камчев, не само што ја оспорува нејзината веродостојност и ја смета за небулоза, туку открива и неверојатни факти за постапувањето на АНБ. Имено, АНБ во овој случај постапува надвор од своите законски овластувања и надлежности предвидени во Законот за агенција за национална безбедност, па оттука е нејасно како осомничениот ја загрозува националната безбедност и претставува закана за националната безбедност на државата, па врз основа на тоа АНБ да има легитимно право да го следи и врз база на тоа следење да биде подготвена службена белешка со таква содржина.
Правото на слобода, како основно човеково право, на Јордан Камчев му беше прекршено единствено врз основа на таа белешка од АНБ, во која се посочува наводна намера за негово бегство. Таа белешка, тој писмен документ, освен тоа што не бил доставен до одбраната за увид, при распитот не бил обезбеден ниту еден дополнителен доказ со чие презентирање би се потврдило она што е запишано во белешката. Не постои никаков доказ, ниту запис за информацијата наведена на белешката. Шокантен е фактот дека белешката била само прочитана пред одбраната, а не било дозволено да се направи увид во документот.
Доколку постоела дојава за наводно бегство, на кое им претстоеле некакви средби, каде се доказите за тие средби? Со кого и каде биле тие средби и дали постои барем еден материјален доказ кој може да ја потврди содржината на тие средби, доколку се тврди дека се случиле?
Овие прашања останаа неодговорени, како и дилемата што веќе јавно ја загатна професорот Гордан Калајџиев – од кога Агенцијата за национална безбедност има право да собира информации за лица и за дела кои се предмет на Основното јавно обвинителство и да се занимава со случаи на осомничени за криминал, како и да постапува по истите. Преседан е АНБ да кажува кој ќе биде уапсен и како е воопшто можно да се нареди приведување на Камчев, со заобиколување на одлука од Јавното Обвинителство.
АНБ на 12 февруари имала информација дека Камчев ќе бега, ама го оставила на раат цел месец – кој во ова да поверува?
Уште поинтересно е тоа што во службената белешка на АНБ, која само била прочитана, се тврдело дека тајната полиција во периодот од 12 до 14 февруари ги добила првите информации за можно бегство на Камчев. Па како тоа, прашува одбраната, АНБ имала сериозна информација пред еден месец, а го оставила Камчев на слобода и реагира еден месец подоцна, со организирање на негово приведување? Дали доколку вистински постојат сознанија за бегство било кој надлежен орган би реагирал во најбрз можен рок, или би чекал да помине цел еден месец? Дали тоа што во текот на тој еден месец Јордан Камчев воопшто не се ни обидел да избега, не е доволен доказ дека тој воопшто немал ни намера да го стори тоа?
Покрај овој силен доказ, како дополнителни докази дека никогаш не постоела намера за бегство на Камчев се низата активности кои тој моментално ги спроведува. Само ден пред неговото приведување, тој, како дел од менаџмент тимот на КБ „Аџибадем Систина“, носи одлука и реализира итно проширување на капацитетите за хоспитализација на ковид пациенти, со што отвора нови 17 работни места за медицински персонал. Покрај тоа, тој раководи и со низа други активности во земјата, во корист на јавното добро, а реализира и тековни инвестиции во Србија, Босна и Херцеговина и во Косово. Тоа само ги поткрепува веќе докажаните факти дека Јордан Камчев немал намера да ја напушти земјата, аргументира одбраната.
Европскиот комитет за превенција на тортура ќе биде поканет да изврши увид во постапката за притворање
Во оваа целосна контроверзна конструкција се доаѓа до заклучок дека покрај тоа што е прекршена Конвенцијата за човекови прави, прескокнати се како обвинителите, така и сите законски пропишани процедури. Ова дава целосно за право ова сценарио, покрај контроверзно да се дефинира и како чисто политичко, со кое се врши директна тортура и лична освета кон Камчев, вели одбраната и прашува – дали ова претставува реализирање на заканата на Зоран Заев во еден од снимените разговори, каде што премиерот експлицитно се заканува со зборовите: „Море мамето мамино ќе му е**м на Камчев“?
Низата пропусти, непочитувања, нелегитимности и прекршувања на закони и прописи во овој случај е огромна. Сето тоа остава простор за целосно оправдана и издржана жалба која одбраната на Камчев ќе ја достави до македонските судови, но и до Европскиот комитет за превенција и нечовечко или понижувачко постапување или казнување во Стразбур, каде што по итна и вонредна постапка ќе биде побарано да се изврши посета на земјата, заради утврдување на фактичката ситуација, најавува одбраната.