Николоски: Пописот кој власта сака да го спроведе ќе биде фингиран и нерелевантен
Николоски вели дека е тажно и крајно несериозно што власта пристапува кон реализација на пописот водена од политички цели и пописот го гледа како политичка, а не статистичка операција.
Во вчерашното издание на дебатната емисија “360” на Телевизија Алсат гостуваше потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Собранието на Република Македонија, Александар Николоски кој се осврна на моменталните политички случувања, како и на пописот кој власта предвидува да се одржи веќе за два месеци во државата.
Во однос на пописот, Николоски вели дека е тажно и крајно несериозно што власта пристапува кон реализација на пописот водена од политички цели и пописот го гледа како политичка, а не статистичка операција.
Toj посочи дека после рамковниот договор, кој има и добри и лоши страни, правата на една индивидуа независно од тоа на која етничка заедница припаѓа, не се решаваат со тоа што ќе се направи попис.
– На јавноста и е јасно дека овој попис има цел за додворување кај одредени етнички заедници од страна на СДСМ и Зоран Заев, за потоа истите тие да му дадат дополнителна поддршка, односно да изградат еден консензус за прашањата кои ја засегаат власта, односно парламентарното мнозинство – рече Николоски.
Според него, СДСМ и ДУИ имаат една стратегија, односно стратегија на поларизација. Истата ја користат и кон ВМРО-ДПМНЕ и кон албанската опозиција.
– Тоа воопшто не е така, иако ја користат секоја прилика да прикажат пред јавноста дека ВМРО-ДПМНЕ е тоа кое што ги кочи овие процеси, односно одржувањето на пописот. ВМРО-ДПМНЕ не е против попис, бидејќи таква статистичка операција е потребна на земјата. ВМРО-ДПМНЕ е против фингиран и наместен попис со кој власта ќе ја зацврсти позицијата кај одредени етнички заедници и користејќи ги нив ќе замачкуваат очи на јавноста- додаде Николоски.
Николовски рече дека ВМРО-ДПМНЕ предложи триесет суштински амандмани, но ниту еден не беше прифатен од власта.
– Тоа не беа паушално изготвени амандмани, туку амандмани во кои беа утврдени сите аномалии на вака донесениот закон за попис и беа изготвени предлози како да се надминат проблемите, за пописот да биде релеватен – вели Николоски.
Николоски потенцираше дека СДСМ и Зоран Заев сакаат да го спроведат пописот само поради политички должнички причини кон одредени политичари, а не поради тоа што земјата има потреба од одржување на попис како статистичка операција.
– Ваквиот попис кој власта сака да го протурка, нема да даде точни и релевантни податоци, туку напротив ќе ја доведе во заблуда земјата, бидејќи бројките ќе бидат и повеќе од фингирани – заврши Николоски.