Лекот ивермектин, во кој се полагаат надежи во битката со ковид-19, наскоро во бугарските аптеки
И експерти во Македонија се залагаат овој лек во таблетарна форма да се користи за лекување на ковид-19. Во моментов, лекот се набавува од Турција, Грција и од други земји.
Фармацевтски гигант чека официјална дозвола за пуштање во промет на лекот Ивермектин на бугарскиот пазар, јавува порталот Блиц.бг повикувајќи се на неименувани извори од медицински кругови. Лекот во аптеките би можел да се појави во јануари.
Клиничките испитувања нарачани од Хувефарма биле успешни. Специјалниот лек добил и меѓународен патент. Голем број познати бугарски научници и лекари, како проф. Иво Петров и доц. проф. Георги Попов, јавно говореа во прилог на неговата полезност при лекување на ковид-19.
Болните во Бугарија, но и во другите земји во регионот, вклучувајќи ја и Македонија, се почесто го бараат овој лек и го набавуваат од Турција, Грција и од други земји.
Пред десетина дена, како што пренесе Плусинфо, во прилог на употребата на лекот ивермектин се изјасни и епидемиологот д-р Драган Даниловски.
Ивермектинот се користи од март во Австралија, во Нов Зеланд, во источните земји. Ако ги погледнеме бројките на смртноста, ќе видиме дека секаде каде што се употребувал овој лек, смртноста е помала, изјави Даниловски. Лекот кај нас се употребува за лечење животни, во прашкаста форма. Професорот се надева дека ивермектинот, во таблетарна форма, наменет за луѓе ќе почне набрзо да се употребува и кај нас. Тој истакна дека овој лек, освен што помага при лекување на болните од ковид-19, дејствува и профилактички.
– Луѓе кои се изложени на инфекција, на пример здравствените работници, ако го земаат додека се здрави, тие не се инфицираат од коронавирусот. Пред една недела имавме драматичен апел од тројца светски здравствени авторитети од Алијансата на работници од првата линија за критична нега на болни од ковид-19, кои работат во интензивна нега, кои побараа ивермектинот да се употребува за профилакса и за ковид-19 – изјави македонскиот епидемиолог.
Тој смета дека ивермектинот ќе биде една пресвртница во третманот на ковид пациентите.