Неготинец и поштар од Гостивар трошеле пари од туѓи платежни картички, исчезнало девојче од Скопје
МВР соопшти дека на улица Востаничка е пронајдена почината жена, а превозник од Штип возел спреотивно на здравствените препораки.
Со туѓа платежна картичка пронајдена во такси си купувал: Надворешната канцеларија за криминалистички работи Неготино поднесе кривична пријава против С. М. (26) од Неготино, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и навлегување во компјутерски систем“. На 13.11.2020 пријавениот пронашол платежна картичка во такси возило, сопственост на А.М. од Неготино, по што купувал разновидна стока и се стекнал со противправна имотна корист.
Пронајден кратецот во црквата во Волковија: СВР Тетово поднесе кривична пријава против С. А. (54) од село Студеничани, скопско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“. Во периодот на 16/17.10.2020, пријавениот со употреба на сила и погоден предмет влегол во црквата „Света Мина“ во село Волковија, тетовско, и одзел пари.
Поштар од Гостивар ја искористил платежната картичка на клиентот: Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Е. Н. (54) од село Долна Бањица, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и „издавање чек без покритие и злоупотреба на платежна картичка“. Во декември 2019 пријавениот, како службено лице во Пошта на Република Северна Македонија – Подружница Гостивар, при растурање на пристигната пошта забележал затворен плик во кој имало картичка од српска банка со залепено ливче со пин код, го отворил и од банкомат во Гостивар во неколку наврати подигнал вкупно 15.000 денари, на штета на Р.С.(70) од село Добридол, гостиварско.
Зел пари за реконструкција, ама не ја завршил и не ги вратил парите: СВР Охрид поднесе кривична пријава против Ш. А. (59) од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“. Во почетокот на октомври 2020, пријавениот се договорил да направи кровна конструкција на помошна просторија од куќа во село Подмоље, охридско, за што однапред му биле исплатени средствата од страна на С. Г. од село Подмоље. По настаната расправија со нарачателот, пријавениот со целокупниот градежен материјал си заминал, без да ги врати парите на С.Г.
Се обидел да повреди полицаец: СВР Штип поднесе кривична пријава против М. В. (56) од Штип, поради постоење основи нa сомнение за сторено кривично дело „спречување службено лице во вршење службено дејствие“. На 27.11.2020 на уллица „Кирил и Методиј“ во Штип, пријавениот не почитувал дадена наредба и со возило се обидел да удри полициски службеник, кој извршувал работни задачи.
Пронајдена почината жена на улица Востаничка: Вчера во 21.00 часот во СВР Скопје, од екипа на Итната медицинска помош било пријавено дека на улица „Востаничка“ била пронајдена почината А. Б. (88). Увид извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатата било предадено за обдукција.
Превозник не ги почитувал здравствените правила: ОВР Радовиш поднесе кривична пријава против фирма од Штип, В. Ш. (40) од Штип, управител на фирмата и против В. П. (38) од Штип, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично делo „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“. На 20.11.2020 во Радовиш, полициски службеници запреле патничко возило „мерцедес спринтер“, сопственост на правното лице, а управувано од В.П., вработен во првопријавениот правен субјект. Од извршената контрола било констатирано дека постапил спротивно на точка 3, 5 и 8 од Протоколот за вршење превоз на патници, односно пријавените не постапиле според прописите или наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на некоја опасна или заразна болест.
Исчезна десетгодишно девојче од Скопје: Вчера во 21.20 часот во СВР Скопје, С. К. (39) од Скопје пријавила дека од домот се одалечила нејзината ќерка М. К. (10). Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.