Со 3.000 амандмани опозицијата ги блокираше измените во Деловникот
Од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците, како и од Левица не се согласуваат со овој предлог, сметаат дека за тоа има уставни пречки.
Од изутрина собраниските служби имаа полни раце работа. Опозициските пратеници до Собранието почнаа да ги доставуваат планираните над 3 илјади амандмани на предлог измените на Деловникот со кој се предвидува оние пратеници кои се заразени или се во изолација да можат да работат онлајн. Од ВМРО-ДПМНЕ, коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците, како и од Левица не се согласуваат со овој предлог, сметаат дека за тоа има уставни пречки, а може да доведе и до злоупотреба на системот во време кога се носат клучни закони, објави ТВ21.
– Ова не е начин кој што создава дополнителна доверба меѓу политичките субјекти, напротив, јас би рекол ја нарушува и така слабата доверба која што ја има помеѓу политичките партии во Собранието. Ние ќе ги користиме сите возможни политички модалитети и ресурси на наше располагање да се спротивставиме на овој процес кој што има обид на сила да се донесе, спротивно на Уставот и не овозможува дијалог во Собранието – рече Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ.
– Функционирањето онлајн во Собранието нема ни технички ни демократски услови. Од причина што сакаме да сакаме да ги имитираме западните парламенти, а далеку сме од реалноста во Северна Македонија. Единствено досега само во времето на Груевски Деловникот еднострано да биде сменет. Гледаме дека и оваа власт сака груевизмот да го врати назад што нема да дозволиме. Нашата цел е да оневозможиме овој Деловник еднострано да помине – рече Скендер Реџепи.
Од владејачкото мнозинство велат дека решението што го предлага претседателот на Собранието Талат Џафери е добро со оглед на состојбите со корона вирусот и можноста пратеници кои се заболени или се во изолација да можат да работат онлајн.
– Реално имаме многу голем број луѓе кои се заразени, за жал, со ковид-19, имаме и неколку пратеници кои што беа во изолација а никој не може да гарантира дека утре нема некој друг да се зарази. Точно се прецизира кои пратеници можат така да работат од дома, значи пратеници кои што ќе бидат со решение од Државен санитарен инспекторат. Само за нив ќе биде ова што се предлага – изјави Арбен Зибери.
– За жал уште еднаш се покажа опозицијата, го блокира овој процес што се однесува за измена и дополна на Деловникот односно каде што се предвидува оние пратеници кои што се заболени од корона вирусот да имаат право да гласаат онлајн, впрочем, тоа го направија и сите парламенти, не само во опкружувањето туку и во целата Европска унија. Жалам што тоа се случува, меѓутоа, нека цени јавноста наше видување е дека оние пратеници кои што исклучиво, уште еднаш сакам да потенцирам, се однесува само за оваа болест – вели Диме Велков од СДСМ.
Претседателот на Собранието Талат Џафери изминатиот период укажуваше на потребата од донесување измени на Деловникот за онлајн работа на пратениците поради состојбата со корона вирусот. За денеска беше закажана и претрес на измените на матичната Деловничко мандатно имунитетна комисија, но опозицијата која се спротивставуваше на овој предлог ја блокира работата со голем број амандмани.